Патот на праведните е отстранување од злото: кој ги пази своите патишта – душата своја ќе ја запази. Пред погибел гордоста врви, и пред паѓање – надменоста. Подобро е да се смируваш во духот со кротки, отколку да делиш грабеж со горделиви. Кој ја води разумно работата своја, добро ќе најде, и кој се надева на Господ, блажен е. Мудрите по срце, разумни ќе ги наречат, и слаткиот збор го зголемува знаењето. Разумот за оние, што го имаат, е извор на животот, а ученоста на безумниот е глупост. Срцето на мудриот го прави јазикот негов мудар, и го умножува знаењето во устата негова. Пријатни зборови се восочен мед: за душата слатки, а за коските лековити. Има патишта, кои на човекот му изгледаат прави, но крајот им е пат кон смртта. Кој се труди, се труди за себе, зашто кон тоа устата го упатува. Лукав човек зло замислува, во устата своја – оган разгорува. Подмолен човек сее раздор, и клеветник пријатели разделува. Злонамерен човек го мами својот ближен и го води кон лош пат; замижува со очите, за да измисли подмолност: прекасувајќи си ги усните, извршува зло. Староста е венец на славата, таа води по патот на правдата. Долготрпеливиот е подобар од храбриот, и кој владее со себе, подобар е и од освојувач на градови. Ждрепка се фрла во скут, но сѐ што решава таа, од Господ е.