Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Филипјаните 3:1-11

Филипјаните 3:1-11 MK2006

Но, браќа мои, радувајте се во Господ! Зашто мене не ми е здодевно да ви пишувам исти нешта, а за вас тоа значи безбедност. Чувајте се од кучињата, чувајте се од лошите работници, чувајте се од лажно обрезување, зашто вистинското обрезување сме ние, кои со Духот Му служиме на Бога и се гордееме со Христос Исус, и не се надеваме на телото, иако јас можам да се надевам и на телото. Ако некој друг мисли дека мо­же да се надева на телото, тогаш уште повеќе можам да се надевам јас, кој сум обрезан во осмиот ден, од родот Израелов, од Венијаминовото колено, Евреин од Евреите, по законот фарисеј, по ревност – гонител на Божјата Црква, според правдата на Законот – беспрекорен. Но тоа што беше за мене придобивка, поради Христос го сметав за загуба. Затоа, сметам дека и сѐ друго е загуба спрема преважното познание на Христос Исус, мојот Господ, поради Кого се одреков од сѐ, и сѐ сметам за отпад, само за да Го придобијам Хрис­тос, и да се најдам во Него, не со својата праведност стекната од Законот, туку со придобивката преку верата во Хрис­тос, односно со праведноста од Бога преку верата; за да Го познаам Него, и силата на Неговото воскресение, и учеството во Неговите страдања, грижејќи се мојата смрт да биде слична со Неговата, та некако да го достигнам воскресението на мртвите.