Тогаш синовите на Израел, целото општество, дојдоа во пустината Син во првиот месец, и народот се улогори во Кадис; таму умре Мирјам, каде што беше и погребана. За народот немаше вода, и тие се побунија против Мојсеј и Арон; и негодуваа против Мојсеј, велејќи: „О, да бевме умреле и ние тогаш, кога умреа нашите браќа пред Господ! Зошто го доведовте народот Господов во оваа пустина, па да изумреме тука – ние и добитокот наш? И зошто нѐ изведовте од Египет, па нѐ доведовте на ова лошо место, каде што не може да се сее, каде што нема ни смокви, ни лозја, ни калини, дури ни вода за пиење?“ Тогаш Мојсеј и Арон се повлекоа од народот, кон влезот од скинијата на собранието, и паднаа ничкум, и им се јави славата Господова. И му рече Господ на Мојсеј, велејќи: „Земи го жезолот свој и собери го народот, ти и братот твој Арон, и пред очите нивни кажете ѝ на карпата и таа ќе пушти од себе вода: и така, ти ќе им дадеш вода од карпата и ќе го напоиш народот и добитокот негов.“ Го зеде Мојсеј жезолот што е пред Господ, како што му заповеда Тој. И го собраа Мојсеј и Арон народот кај карпата и тој им рече: „Чујте ме, непокорници, зар може од оваа карпа да ви извадиме вода?“ И ја крена Мојсеј раката своја и удри двапати на карпата со жезолот свој, и потече многу вода, и народот се напи, а и добитокот негов. И им рече Господ на Мојсеј и на Арон: „Поради тоа што не Ми поверувавте, и не ја засведочивте Мојата светост пред очите на синовите израелски, вие нема да го воведете тој народ во земјата, што Јас му ја давам.“ Тоа е водата Мерива, кај која синовите израелски влегоа во кавга со Господ, и Тој ја покажа пред нив Својата светост.