И му рече Господ на Мојсеј, велејќи: „Кажи му на Елеазар, синот на свештеникот Арон, да ги собере кадилниците на изгорените и огнот да го исфрли, бидејќи тие се осветија, кадилниците на овие грешници поради нивната смрт, да се сплескаат на листови за оковување на жртвеникот, зашто тие ги донесоа пред лицето Господово, и затоа се осветија; и тие ќе бидат опомена за синовите на Израел.“ Тогаш свештеникот Елеазар, ги зеде бакарните кадилници што ги беа донеле изгорените, и ги сплескаа на листови за оковување на жртвеникот, за да помнат синовите израелски, па никој надворешен, кој не е од Ароновото семе, да не принесува темјан пред Господ, за да не стане и со него она што стана со Кореј и соучесниците негови, како што му беше рекол Господ преку Мојсеј.
На вториот ден целото општество на синовите израелски се побуни против Мојсеј и Арон и рече: „Вие го уништивте народот Господов.“ И кога се собра народот, за да ги нападне Мојсеј и Арон, тие се свртеа кон скинијата на собранието, и ете, ја покри облак и славата Господова се јави. И се приближија Мојсеј и Арон кон скинијата на собранието. И му рече Господ на Мојсеј, велејќи: „Отстранете се од тие луѓе и Јас во еден миг ќе ги погубам!“ Но тие паднаа на колена. И му рече Мојсеј на Арон: „Земи ја кадилницата, стави во неа оган од жртвеникот, сипи темјан и носи го тоа што побрзо кај народот и помоли се за нив, зашто гнев излезе од лицето на Господ, и почна да ги погубува луѓето.“ И направи Арон, како што рече Мојсеј, и се најде кај народот, и ете веќе почна помор меѓу народот. И тој исипа темјан и се помоли за народот: застана меѓу мртвите и живите, и поморот престана.