Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Броеви 17:1-13

Броеви 17:1-13 MK2006

И му рече Господ на Мојсеј, велејќи: „Кажи му на Елеазар, синот на свештеникот Арон, да ги собере кадилниците на изгорените и огнот да го исфрли, бидејќи тие се осветија, кадилниците на овие грешници по­ра­ди нивната смрт, да се сплескаат на листови за оковување на жртвеникот, зашто тие ги донесоа пред лицето Гос­подово, и затоа се осветија; и тие ќе бидат опомена за синовите на Израел.“ Тогаш свештеникот Елеазар, ги зеде бакарните кадилници што ги беа донеле изгорените, и ги сплескаа на листови за оковување на жртвеникот, за да помнат синовите израелски, па никој надворешен, кој не е од Аро­новото семе, да не принесува темјан пред Господ, за да не стане и со него она што стана со Кореј и соучесниците негови, како што му беше рекол Господ преку Мојсеј. На вториот ден целото општество на синовите израелски се побуни против Мојсеј и Арон и рече: „Вие го униш­тивте народот Господов.“ И кога се собра народот, за да ги нападне Мојсеј и Арон, тие се свртеа кон скинијата на собранието, и ете, ја покри облак и славата Господова се јави. И се приближија Мојсеј и Арон кон скинијата на собранието. И му рече Господ на Мојсеј, велејќи: „Отстранете се од тие луѓе и Јас во еден миг ќе ги погубам!“ Но тие паднаа на колена. И му рече Мојсеј на Арон: „Земи ја кадилницата, стави во неа оган од жртвеникот, сипи темјан и носи го тоа што побрзо кај народот и помоли се за нив, зашто гнев излезе од лицето на Господ, и почна да ги погубува луѓето.“ И направи Арон, како што рече Мојсеј, и се најде кај народот, и ете веќе почна помор меѓу народот. И тој исипа темјан и се помоли за народот: застана меѓу мртвите и живите, и поморот престана.