Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Броеви 13:25-33

Броеви 13:25-33 MK2006

И откако ја разгледаа земјата, се вратија по четириесет дена. И кога пристигнаа и дојдоа кај Мојсеј и Арон и кај целото општество на синовите израелски во пустината Фаран, во Кадис, тие му донесоа таму и на целиот народ одговор, и им ги покажаа плодовите од онаа земја; и му раскажаа и рекоа: „Бевме во земјата, во која нѐ испрати; во неа на­вистина тече мед и млеко, и еве ги плодовите нејзини; но народот, кој живее во таа земја, е силен, и градовите се укрепени и многу големи; таму ги видовме и по­томците на родот Анаков. Амалик живее во јужниот дел на земјата, а Хитијците, Јевусијците и Аморејците живеат по планината; Ха­нан­ците, пак, живеат крај морето и по брегот на Јордан.“ Но Халев го успокојуваше народот пред Мојсеј, велејќи: „Да појдеме и да ја преземеме, зашто можеме да ја покориме!“ А оние што беа оделе заедно со него, рекоа: „Не можеме да одиме против тој народ, зашто е посилен од нас.“ И протурија ужасни гласови меѓу синовите израелски за земјата што ја беа разгледале и велеа: „Земјата што ја изодивме, за да ја разгледаме, е земја, која ги голта своите жители, и сите што ги видовме на неа, се многу поголеми. И таму видовме огромни луѓе од потомците на родот Анаков; ние изгледавме пред нив како скакулци; такви бевме и во нивните очи.“