Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Броеви 13:25-33

Броеви 13:25-33 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

И откако ја разгледаа земјата, се вратија по четириесет дена. И кога пристигнаа и дојдоа кај Мојсеј и Арон и кај целото општество на синовите израелски во пустината Фаран, во Кадис, тие му донесоа таму и на целиот народ одговор, и им ги покажаа плодовите од онаа земја; и му раскажаа и рекоа: „Бевме во земјата, во која нѐ испрати; во неа на­вистина тече мед и млеко, и еве ги плодовите нејзини; но народот, кој живее во таа земја, е силен, и градовите се укрепени и многу големи; таму ги видовме и по­томците на родот Анаков. Амалик живее во јужниот дел на земјата, а Хитијците, Јевусијците и Аморејците живеат по планината; Ха­нан­ците, пак, живеат крај морето и по брегот на Јордан.“ Но Халев го успокојуваше народот пред Мојсеј, велејќи: „Да појдеме и да ја преземеме, зашто можеме да ја покориме!“ А оние што беа оделе заедно со него, рекоа: „Не можеме да одиме против тој народ, зашто е посилен од нас.“ И протурија ужасни гласови меѓу синовите израелски за земјата што ја беа разгледале и велеа: „Земјата што ја изодивме, за да ја разгледаме, е земја, која ги голта своите жители, и сите што ги видовме на неа, се многу поголеми. И таму видовме огромни луѓе од потомците на родот Анаков; ние изгледавме пред нив како скакулци; такви бевме и во нивните очи.“

Броеви 13:25-33 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

По четириесет денови се вратија од земјата што ја согледуваа. Отидоа при Мојсеја и Арона и при целото Израелско општество во Кадис, во Фаранската Пустина. Им поднесоа извештај ним и на целата заедница, а тогаш им ги покажаа плодовите на земјата. И тие го известија: „Отидовме во земјата во која што нѐ испрати. Навистина низ неа течат мед и млеко. Еве ги нејзините плодови. Но силен е народот што живее во земјата, градовите се утврдени и многу се големи. А видовме таму и Енакови потомци. Амаликците живеат во Негевскиот крај; Хетејците, Евусејците и Аморејците живеат на планината, а Ханаанците се наоѓаат покрај морето и вдолж на Јордан.“ Халев го замолчи народот околу Мојсеја и проговори: „Да тргнеме не двоумејќи се и да ја заземеме, зашто можеме да ја покориме!“ Но луѓето кои одеа со него одговорија: „Не можеме да одиме против оној народ, зашто е посилен од нас.“ И почнаа да ја прикажуваат лошо, пред Израелците, земјата што ја согледуваа: „Земјата низ која поминавме за да ја извидиме е земја што ги голта своите жители. Сиот народ што го видовме во неа се луѓе со крупен раст. Видовме и дивови таму - Енаковото потомство од дивови. Ни се чинеше дека сме како скакулци спрема нив.“