Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Неемија 5:1-12

Неемија 5:1-12 MK2006

Се крена голем врисок од луѓето и нивните жени, против Јудејци­те, браќата нивни. Имаше едни, кои велеа: „Ние, синовите наши и ќерките наши сме многу; и ние би сакале да си набавиме жито, да се храниме и да живееме.“ Имаше и такви, кои велеа: „Ги зало­жуваме нивите свои, лозјата свои и куќите свои за да си набавиме жито при овој глад.“ Имаше и такви, кои велеа: „Ние позајмуваме сребро за царскиот данок за нивите и лозјата свои; ние имаме исти тела, какви што се телата на браќата наши, и синовите ни се такви, какви што се нивните синови, а ете, ние сме должни да ги даваме синовите свои и ќерките свои за слуги, а, пак некои наши ќерки веќе се наоѓаат во ропство. Нема никакви средства за откуп во рацете наши; и нивите наши и лозјата наши се во рацете на големците.“ Кога го слушнав нивното леле­кање и тие зборови, многу се јадосав. Срцето мое се возбуди, и јас строго ги прекорив првенците и војводите, ве­лејќи им: „Вие земате лихва од браќата свои.“ И свикав против нив голем собир, па им реков: „Ние, според силите свои, ги откупуваме браќата свои Ју­дејци, продадени на народите, а вие ги продавате браќата свои, и тие ни се продаваат нам?“ Тие молчеа и не знаеја што да одговорат. Тогаш реков: „Не е добро тоа што го правите. Нели треба да одите во страв пред нашиот Бог за да го одбегнете потсмевот на народите, нашите непријатели? И јас и браќата мои и оние што служат кај мене им даваме на заем и сребро и жито: да им го простиме тој долг. Вратете им ги уште денес нивните ниви, лозјата нивни и маслиновите градини нивни, и куќите нивни, и лихвата од среброто, житото, виното и маслото што сте го зеле од нив.“ А тие одговорија: „Ќе го вратиме и нема ништо да бараме од нив; ќе направиме така, како што велиш.“ Тогаш ги повикав свештениците и им заповедав да се заколнат дека ќе направат така.