И кога го повика сиот народ, им рече: „Слушајте Ме сите и разберете: ништо, што влегува во устата на човекот однадвор, не може да го оскверни; туку она што излегува од него, тоа го осквернува човекот. Ако некој има уши да слуша, нека чуе!“ И кога се оддалечи од народот и влезе во една куќа, учениците Негови Го прашаа за параболата. А Тој им рече: „Зар сте и вие така неразумни? Не разбирате ли дека ништо, што влегува во човекот однадвор, не може да го оскверни? Зашто, тоа не оди во срцето, туку во стомакот, и излегува надвор, чистејќи ја сета храна.“ И уште им рече: „Она што излегува од човекот, тоа го осквернува човекот. Зашто однатре, од срцето човечко, излегуваат лоши помисли, прељубодејства, блудства, убиства, кражби, лакомства, лукавства, пакости, злоби, око завидливо, богохулство, гордост, безумство. Сето тоа зло одвнатре излегува и го осквернува човекот.“