И го натераа некој си Симон Киринеец, таткото на Александар и на Руф, кој се враќаше од поле, да Му го носи крстот. Па Го одведоа на местото Голгота, што значи: место на черепи. И Му дадоа да пие вино со смирна, но Тој не зеде. Тие што Го распнаа, ги разделија алиштата Негови, фрлајќи ждрепка кој што да земе. Беше третиот час, и Го распнаа. И имаше натпис за вината Негова: „Цар Јудејски.“ А со Него распнаа и два разбојника, едниот од десната Негова страна, а другиот од левата. (И се исполни Писмото, кое вели: „И меѓу грешници Го ставија.“) А минувачите, вртејќи глава, Го хулеа и велеа: „Аха! Ти, што го уриваш храмот и за три дни го соѕидуваш, спаси се Себеси и слези од крстот!“ Исто така и првосвештениците со книжниците Му се смееја и велеа: „Другите ги спасуваше, а Себе не може да се спаси! Христос, Царот израелски, нека слезе сега од крстот, па да видиме и да поверуваме!“ Го хулеа и распнатите со Него.
А во шестиот час настана темнина по целата земја, до деветтиот час. И во деветтиот час Исус извика гласно велејќи: „Елои, Елои, Лама савахтани?“ А тоа значи: „Боже Мој, Боже Мој, зошто Ме остави?“ Некои од оние, што стоеја таму, штом го чуја тоа, рекоа: „Ете, го вика Илија!“ А еден отрча, натопи сунѓер во оцет, па како го закачи на трска, Му даваше да пие, велејќи: „Почекајте да видиме, ќе дојде ли Илија да Го симне.“ А Исус, пак, испуштајќи висок глас, издивна. И завесата на храмот се расцепи на две, одозгора додолу. А стотникот, што стоеше спроти Него, кога виде дека Тој, откако извика така и издивна, рече: „Навистина Овој Човек бил Син Божји!“ Имаше и жени што гледаа оддалеку; меѓу нив беше и Марија Магдалена, и Марија, мајката на малиот Јаков и на Јосија, и Саломија, кои и тогаш, кога Тој беше во Галилеја, врвеа по Него и Му служеа, и многу други што беа дошле со Него во Ерусалим.
А кога се стемни веќе, бидејќи беше петок, односно ден спроти сабота, дојде Јосиф од Ариматеја, прочуен член на советот, кој и сам го очекуваше царството Божјо, се осмели да влезе кај Пилат и го замоли за телото Исусово. Пилат се зачуди дека Тој веќе умрел; и кога го извика стотникот, го праша дали одамна умрел. Па штом дозна од стотникот, му го даде телото на Јосиф. А Јосиф купи платно, Го симна и Го обви во плаштаница и Го положи во гроб, што беше издлабен во карпа и навали камен на гробната врата. А Марија Магдалена и Марија Јосиева гледаа каде Го полагаат.