Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Марко 14:12-25

Марко 14:12-25 MK2006

Во првиот ден на Бесквасници, кога го колеа Пасхалното јагне, учениците Негови Му рекоа: „Каде сакаш да оти­деме и да приготвиме, за да ја јадеш Пасхата?“ И прати двајца од учениците Свои, па им рече: „Отидете в град; и ќе ве сретне еден човек, што ќе носи вода во стомна; одете по него. И каде што ќе влезе тој, кажете му на домаќинот: ‚Учителот прашува: каде е собата, во која ќе ја јадам Пасхата со учениците Свои?‘ И тој ќе ви покаже голема соба, послана, приготвена; таму згответе ни.“ И излегоа учениците Негови и дојдоа во градот, и најдоа како што им бе­ше рекол, па ја приготвија Пасхата. А кога се стемни, Тој дојде со два­наесетте. И кога седеа и јадеа, Исус им рече: „Вистина ви велам: еден од вас, што јаде со Мене, ќе Ме предаде.“ Тие се разжалостија и почнаа еден по друг да прашуваат: „Да не сум јас?“ А Тој им одговори и рече: „Еден од дванаесетте е, што мака со Мене во чи­нијата. Но Синот Човечки заминува, како што е пишано за Него. Само тешко му на оној човек, преку кого Синот Чо­веч­ки ќе биде предаден; подобро ќе беше за тој човек, да не се беше родил!“ И кога јадеа, зеде Исус леб, го бла­гослови, го прекрши, па им даде и рече: „Земете, јадете; тоа е Моето тело.“ Потоа ја зеде чашата, заблагодари и им ја даде; и се напија од неа сите. И им рече: „Тоа е Мојата крв на Новиот завет, која се пролива за мнозина. Вистина ви велам: Јас нема да пијам веќе од лозовиот плод сѐ до оној ден, кога ќе пијам нов во царството Божјо.“