А кога излегуваше од храмот, еден од учениците Негови Му рече: „Учителе, гледај какви камења и какви згради!“ Исус, пак, му одговори и рече: „Ги гледаш ли овие големи згради? Ни камен на камен нема да остане овде, што не ќе биде урнат!“
А кога седеше на Маслиновата Гора, спроти храмот, Го прашаа насамо Петар, Јаков, Јован и Андреј: „Кажи ни, кога ќе биде тоа и кој е знакот, кога ќе се сврши сето тоа?“ Исус, одговарајќи им почна да зборува: „Чувајте се да не ве прелаже некој! Зашто мнозина ќе дојдат во Мое име, говорејќи дека сум Јас; и ќе прелажат мнозина. А кога ќе чуете за војни и гласови за војни, не плашете се; зашто сето тоа треба да се случи; но тоа уште не е крајот. Ќе се дигне народ против народ, и царство против царство; а на некои места ќе има и земјотреси и глад. Тоа е почетокот на болките. Но вие чувајте се, зашто ќе ве предадат на судови; а по синагогите ќе ве бијат, и пред управници и пред цареви ќе бидете изведувани заради Мене, за сведоштво пред нив. И кај сите народи најнапред треба да се проповеда Евангелието. Кога, пак, ќе ве поведат, за да ве предадат, не грижете се однапред што ќе говорите, ниту размислувајте; туку она, што ќе ви се даде во тој час, тоа кажете го; не сте вие што ќе зборувате, туку Светиот Дух. И брат брата ќе предаде на смрт, и татко чедо, и ќе се дигнат децата против родителите, и ќе ги предадат на смрт. Ќе бидете намразени од сите заради Моето име; кој ќе претрпи до крај, тој ќе биде спасен.“