Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Марко 13:1-13

Марко 13:1-13 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Кога Исус излегуваше од храмот еден од Неговите ученици Му рече: „Учителе, погледни ги овие прекрасни камења - колку убава зграда е храмот!“ Во одговор, Исус му рече: „Ги гледаш ли овие големи градби? Сето тоа ќе биде разурнато и камен врз камен нема да остане!“ Подоцна, кога Исус седеше на падините од Маслиновата Гора, спроти храмот, Му пристапија насамо Петар, Јаков, Јован и Андреј, и Го прашаа: „Кажи ни, кога ќе се случат сите овие нешта и кој ќе биде знакот што ќе го навести нивното исполнување?“ Тогаш Исус почна да им кажува: “Внимавајте да не бидете заведени! Мнозина ќе доаѓаат под Моето име, ќе тврдат дека Сум тоа Јас и ќе успеат да заведат мнозина! Кога ќе слушате за војни и за повици на војни - не вознемирувајте се! Тоа мора најпрво да се случува, но тоа сe уште не е крајот. Ќе се крене еден народ против друг народ на војна и едно царство против друго царство. Ќе има земјотреси на разни места, и појави на глад меѓу луѓето. Ова ќе бидат почетоците на неволите.“ Исус продолжи: „Внимавајте на себе! Ќе ве тужат на судови и ќе ве тепаат во храмовите. Поради вашата вера во Мене, ќе ве изведуваат пред управници и пред владетели. Но тоа ќе биде за да им се посведочи и ним. А пред да дојде крајот, Радосната вест ќе им се проповеда на сите народи. Кога ќе ве притвораат, не грижете се однапред што ќе зборувате. Во тие моменти Бог ќе ви ги даде вистинските зборови што ќе треба да ги кажете. Зашто вашата одбрана нема да доаѓа од вас, туку од Светиот Дух. Браќа ќе се предаваат еден со друг и родители ќе ги предаваат своите деца на смрт. Децата ќе се креваат против родителите и ќе ги убиваат. Сите ќе ве мразат поради вашата вера во Мене. Само тие што ќе останат верни докрај ќе бидат спасени.“

Марко 13:1-13 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

А кога излегуваше од храмот, еден од учениците Негови Му рече: „Учителе, гледај какви камења и какви згради!“ Исус, пак, му одговори и рече: „Ги гледаш ли овие големи згради? Ни ка­мен на камен нема да остане овде, што не ќе биде урнат!“ А кога седеше на Маслиновата Гора, спроти храмот, Го прашаа насамо Пе­тар, Јаков, Јован и Андреј: „Кажи ни, кога ќе биде тоа и кој е знакот, кога ќе се сврши сето тоа?“ Исус, одговарајќи им почна да збо­ру­ва: „Чувајте се да не ве прелаже не­кој! Зашто мнозина ќе дојдат во Мое име, говорејќи дека сум Јас; и ќе пре­лажат мнозина. А кога ќе чуете за војни и гласови за војни, не плашете се; зашто сето тоа треба да се случи; но тоа уште не е крајот. Ќе се дигне народ против народ, и царство против царство; а на некои мес­та ќе има и земјотреси и глад. Тоа е по­четокот на болките. Но вие чувајте се, зашто ќе ве предадат на судови; а по синагогите ќе ве би­јат, и пред управници и пред цареви ќе бидете изведувани заради Мене, за све­доштво пред нив. И кај сите народи најнапред треба да се проповеда Евангелието. Кога, пак, ќе ве поведат, за да ве предадат, не грижете се однапред што ќе го­ворите, ниту размислувајте; туку она, што ќе ви се даде во тој час, тоа кажете го; не сте вие што ќе зборувате, туку Светиот Дух. И брат брата ќе предаде на смрт, и татко чедо, и ќе се дигнат децата против родителите, и ќе ги предадат на смрт. Ќе бидете намразени од сите заради Моето име; кој ќе претрпи до крај, тој ќе биде спасен.“

Марко 13:1-13 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

И кога излегуваше од Хра-мот, еден од Неговите уче-ници Му рече: „Учителе! Гледај - какви камења и каква зграда!“ А Исус му рече: „Ги гледаш ли овие големи згради? Нема да остане камен на камен, што не ќе биде разурнат. И кога седеше на Мас-линовата Гора, спроти Храмот, Петар и Јаков и Јован и Андреј Го прашаа насамо: “Кажи ни кога ќе биде тоа, и каков е знакот, кога сѐ тоа ќе се исполни?“ А Исус почна да им зборува: „Пазете се, некој да не ве измами! Мнозина ќе дојдат во Мое име и ќе речат: ‘Јас Сум’ - и ќе измамат мнозина. Кога ќе чуете за војни и гласови за војни, не плашете се! Зашто тоа треба да биде, но уште не е свршеток; зашто ќе се крене народ против народ и царство против царство; ќе има земјотреси по разни места; ќе има глад. Тоа е почеток на страдањата.“ “Но вие, чувајте се! Ќе ве предаваат на судовите и ќе ве бијат по синагогите; и пред управниците и царевите ќе стоите заради Мене, ним за сведоштво. Најнапред треба да им биде проповедано Евангелието на сите народи. А кога ќе ве поведат и ве предадат, не грижете се однапред што ќе зборувате; туку што ќе ви биде дадено во тој час, зборувајте го тоа: зашто нема да зборувате вие, туку Светиот Дух. И брат брата ќе предаде на смрт, и татко - чедо. И децата ќе станат против родителите и ќе ги убиваат. И сите ќе ве мразат заради Мене, а кој претрпи до крај, тој ќе се спаси.