И кога се приближи до Ерусалим, во Витфагија и Витанија, кај Маслиновата Гора, испрати Исус двајца од учениците, и им рече: „Одете во селоно, што е наспроти вас, па штом ќе влезете во него, ќе најдете врзано младо магаре, што ниеден човек не го јавал; одврзете го и доведете го! И, ако ви рече некој: ‚Зошто го правите тоа?‘ Кажете дека Му е потребно на Господ; и тој веднаш ќе го прати тука.“ Тие отидоа и го најдоа младото магаре, врзано за портата однадвор, на крстопатот и го одврзаа. И некои од оние, што стоеја таму, им рекоа: „Што правите? Зошто го одврзувате?“ А овие им одговорија, како што им беше заповедал Исус и тие ги оставија. И го доведоа младото магаре кај Исус, ги кладоа врз него алиштата свои и Тој седна на него. И мнозина ги постилаа своите облеки по патот. А оние, што одеа пред Него и по Него, викаа и велеа: „Осана! Благословен е Оној што иде во името Господово! Благословено е царството на нашиот татко Давид, кое иде во името Господово! Осана во висините!“ И влезе Исус во Ерусалим, во храмот, разгледа сѐ, па, бидејќи веќе беше доцна, излезе и отиде со дванаесетте во Витанија.
А утредента, кога излегоа од Витанија, Тој огладне; и кога оддалеку виде една смоква, покриена со лисја, се приближи, не би ли нашол нешто на неа; но, кога се доближи до неа, не најде ништо освен лисја, зашто уште не беше времето за смокви. И Исус ѝ рече: „Отсега никој довека да не вкуси плод од тебе!“ И го чуја тоа учениците Негови.
И пак дојдоа во Ерусалим. Кога влезе Исус во храмот, почна да ги брка оние, што продаваа и купуваа во храмот, и им ги преврте масите на менувачите на пари и столовите на оние, што продаваа гулаби; и не дозволуваше никој преку храмот да пренесе каков и да било сад. И ги поучуваше, велејќи: „Не е ли напишано: ‚Домот Мој, дом за молитва на сите народи ќе се нарече‘? А вие го направивте како разбојничко гнездо!“ И кога го чуја тоа книжниците и првосвештениците, гледаа како да Го погубат, бидејќи се плашеа од Него, зашто сиот народ се восхитуваше на Неговото учење. А кога се стемни, Тој излезе надвор од градот.
Утредента, минувајќи, ја видоа смоквата исушена откорен. И кога се сети, Петар Му рече: „Рави, погледај! Смоквата, што ја проколна, се исушила!“ А Исус им одговори и рече: „Имајте вера во Бога. Зашто, вистина ви велам ако некој ѝ рече на оваа планина: ‚Дигни се и фрли се в море!‘ и не се посомнева во срцето свое, туку поверува дека ќе биде како што рекол, ќе му се исполни, што и да каже. Затоа ви велам: сѐ што ќе побарате во молитва, верувајте дека ќе го добиете – и ќе ви биде. И кога стоите на молитва, простувајте, ако имате нешто против некого, па и вашиот небесен Отец да ви ги прости вашите гревови. Ако ли, пак, вие не простувате, и вашиот небесен Отец нема да ви ги прости гревовите ваши.“
И пак дојдоа во Ерусалим; а кога одеше низ храмот, се приближија до Него првосвештениците и книжниците и старешините, па Му рекоа: „Со каква власт го правиш тоа? Или кој Ти ја дал таа власт, да го правиш тоа?“ Исус им одговори и рече: „Ќе ве прашам и Јас за нешто и одговорете Ми, а потоа и Јас ќе ви кажам, со каква власт го вршам тоа. Крштавањето Јованово од небото ли беше, или од луѓето? Одговорете Ми!“ А тие си мислеа во себе и велеа: „Ако кажеме ‚Од небото‘ – ќе рече: ‚Па зошто не му поверувавте?‘ Но, ако кажеме, ‚Од луѓето‘“ – се плашеа од народот; зашто сите го сметаа Јован за вистински пророк. И одговарајќи Му на Исус, рекоа: „Не знаеме.“ А Исус им одговори и рече: „Ни јас не ви кажувам, со каква власт го вршам тоа.“