Тогаш пристапија кон Него Заведеевите синови, Јаков и Јован и рекоа: „Учителе, сакаме да ни го исполниш она, што ќе го побараме.“ Тој ги праша: „Што сакате да сторам за вас?“ А тие Му одговорија: „Дај ни да седнеме до Тебе, едниот оддесно, а другиот одлево, во славата Твоја.“ Но Тој им рече: „Не знаете што барате! Можете ли да ја испиете чашата што ја пијам Јас и да се крстите со крштавањето, со кое се крштавам Јас?“ Тие одговорија: „Можеме.“ А Исус им рече: „Чашата, што ја пијам Јас, ќе ја пиете и вие, и со крштавањето, со кое се крштавам Јас, ќе се крстите; но, да дозволам да се седи од Мојата десна или лева страна, не зависи од Мене; тоа е за оние, за кои е приготвено.“ Десетте, пак, штом го чуја тоа, негодуваа против Јаков и Јован. Исус, кога ги повика, им рече: „Знаете дека оние, што се сметаат за народни кнезови, господарат над нив, и управниците управуваат над нив. Но меѓу вас нека не биде така; а кој меѓу вас сака да биде поголем, нека ви биде слуга; и кој сака меѓу вас да биде прв, нека ви биде роб на сите. Зашто и Синот Човечки не дојде за да Му служат, но да послужи и да го даде животот Свој за откуп на мнозина.“