Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Матеј 5:21-48

Матеј 5:21-48 MK2006

„Сте слушале дека им било речено на старите: ‚Не убивај! А кој ќе убие, ќе биде осуден пред судот.‘ Јас, пак, ви велам дека секој, што се гневи на брата си (без причина), ќе биде осуден пред судот; а оној што ќе го на­рече брата си ‚празноглав‘, ќе биде осуден пред врховниот суд; оној, пак, што ќе рече ‚будала‘, ќе биде осуден за во пеколот. И така, ако принесуваш дар на жртвеникот и таму се сетиш дека брат ти има нешто против тебе, тогаш остави го дарот таму, пред жртвеникот, па оди и најнапред помири се со брата си, а потоа дојди и принеси го дарот. Измири се со противникот твој на­време, уште додека си на пат со него, за да не те предаде на судијата, а судијата – на служителот и да бидеш фрлен в затвор; вистина ти велам: нема да излезеш оттаму, сѐ додека не ја дадеш и последната пара.“ „Сте слушале дека на старите им било речено: ‚Не прељубодејствувај!‘ Јас, пак, ви велам дека секој што ќе погледне на жена со желба, тој веќе из­вршил прељуба со неа во срцето свое. Ако те наведува на грев десното око, извади го и фрли го од себе; зашто подобро ти е да изгубиш еден дел од твоето тело, отколку целото да биде фрлено во пеколот. И десната рака, ако те наведува на грев, исечи ја и фрли ја од себе; зашто подобро ти е да изгубиш еден дел, от­колку целото твое тело да биде фрлено во пеколот.“ „Речено било исто така: ‚Ако некој ја остави својата жена, нека ѝ даде разводно писмо.‘ А Јас пак ви велам: секој што ќе ја остави својата жена, освен за прељуба, тој ја тера да прељубодејствува; и кој ќе се ожени со така напуштена, тој прељубодејствува.“ „Сте го слушале уште и тоа дека им било речено на старите – ‚Не колни се криво, а заклетвите пред Господ исполнувај ги.‘ Јас, пак, ви велам: не колнете се воопшто – ниту во небото, зашто тоа е престол Божји; ниту во земјата, зашто таа е под­ножје на нозете Негови; ниту во Еру­са­лим, зашто е град на великиот Цар. Не колни се ни во главата своја, за­што не можеш ниту едно влакно од ко­сата своја да направиш бело или цр­но. Но зборот ваш да биде: ‚да‘, ‚да‘, или ‚не‘, ‚не‘, а сѐ што е повеќе од тоа, од лукавиот е.“ „Сте слушале дека е речено: ‚Око за око, заб за заб.‘ Јас, пак, ви велам: не противете се на лукавиот. Ако некој те удри по дес­ниот образ, заврти му го и другиот. А оној што сака да се суди со тебе и да ти ја земе кошулата, дај му ја и на­метката. И ако некој те присили да одиш со него една милја, ти оди две. На оној што бара од тебе, дај му, и не одбивај го оној што ти сака нешто на заем.“ „Сте слушале дека е кажано: ‚Љуби го својот ближен, а мрази го неприја­те­лот.‘ А јас, пак, ви велам: љубете ги не­пријателите свои, (благословувајте ги оние што ве колнат, правете им добро на оние што ве мразат) и молете се за оние што ве (навредуваат и) гонат, за да бидете синови на Вашиот Отец небесен; зашто Тој го остава Сво­ето сонце да грее и над лошите и над добрите, и им праќа дожд и на праведните и на грешните. Зашто, ако ги сакате оние што вас ве сакаат, каква ќе ви биде наградата? Зар не го прават тоа и цариниците? И, ако ги поздравувате само бра­ќа­та свои, што особено правите? Не пос­та­пуваат ли така и незнабошците? Но бидете совршени како што е со­вршен вашиот Отец небесен.“

Бесплатни планови за читање и побожни текстови поврзани со Матеј 5:21-48