Матеј 5:21-48
Матеј 5:21-48 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
„Познато ви е дека во Мојсеевиот Закон на вашите предци им било заповедано: ,Не убивај! Кој ќе изврши убиство, ќе му биде судено!‘ Јас, пак, ви велам: ,Секој што истура гнев против својот ближен, заслужува осуда! Знаете дека секој што ќе навреди ближен, бива изведен пред вашиот Врховен суд, а доколку го проколнуваш својот ближен, можеш да завршиш и во огнениот пекол!‘ Така, кога ќе носиш жртвен прилог на Божјиот олтар, ако се сетиш дека твојот ближен ти е лут за нешто, остави го твојот прилог таму пред олтарот и појди прво помири се со својот ближен, а потоа врати се и принеси го својот жртвен прилог. Со секој што сака да те тужи пред законот, потруди се брзо да се спогодиш, уште додека сте заедно на патот, за да не те тужи на суд, а судот да те предаде на стражарите кои ќе те фрлат в затвор. Те уверувам дека нема да излезеш оттаму додека до грош не си го исплатиш долгот!“ „Познато ви е дека во Мојсеевиот Закон е заповедано: ,Не врши прељуба!‘ Јас, пак, ви велам дека секој што ќе погледне туѓа жена и во мислите ќе ја посака во своето срце тој веќе извршил прељуба со неа! Ако, на пример, твоето десно око те наведува на грев извади го и фрли го; подобро е за тебе да загубиш еден орган, одошто целото тело да ти заврши во пеколот. И ако, на пример, твојата десна рака те наведува на грев отсечи ја и фрли ја; подобро е за тебе да загубиш еден орган, одошто целото тело да ти заврши во пеколот.“ „Во Мојсеевиот Закон беше заповедано и ова: ,Ако некој маж реши да се разведе од својата жена, нека ђ даде потврда за развод‘. Јас, пак, ви велам: ,Секој што се разведува од својата жена освен ако таа извршила прељуба ја наведува на прељуба; и секој што стапува во брак со разведена жена извршува прељуба.‘“ „Познато ви е и тоа, дека во Мојсеевиот Закон на вашите предци им било заповедано вака: ,Не кршете ги своите заклетви; исполнувајте го тоа што сте го ветиле пред Господа!‘ Јас, пак, ви велам: ,Не заколнувајте се воопшто: ни во небото, зашто тоа е Божји престол; ни во Земјата, зашто таа е подножје на Неговите нозе; ни во Ерусалим, зашто тој град е на Великиот Цар; ни во својата сопствена глава, зашто не можете да создадете ни едно црно или бело влакно; кажете само ,Да‘ или ,Не‘; а секакво заколнување покрај ова е поттикнато од Злиот.‘“ „Познато ви е дека во Мојсеевиот Закон било заповедано вака: ,Око за око, заб за заб.‘ Јас, пак, ви велам: ,Не возвраќајте им на оние што ви прават зло! Ако некој те удри по едниот образ, сврти му го и другиот. Ако некој те тужи за да ти ја земе кошулата, дај му го и палтото. Ако некој те присили да му ги носиш торбите еден километар, ти носи му ги два километри. Кога некој ќе запроси нешто од тебе дај му; и не одбивај човек што бара да позајми нешто од тебе.‘“ „Познато ви е дека во Мојсеевиот Закон било заповедано и ова: ,Сакај ги своите ближни, а мрази ги своите непријатели.‘ Јас, пак, ви велам: ,Покажувајте љубов и спрема своите непријатели и молете се за доброто на оние што ве прогонуваат; на тој начин вие ќе се однесувате како деца на вашиот небесен Татко, чие сонце изгрева и за лошите и за добрите. Тој им испраќа дожд и на праведните и на неправедните. Зашто, ако ги сакате само оние кои вас ве сакаат, тогаш, каква награда очекувате за тоа? Та, зар не го прават тоа и подмитливите собирачи на данок!? И ако сте љубезни само спрема своите ближни, тогаш, по што се разликувате од другите луѓе? Та, тоа го прават и паганите! Вие треба да се однесувате совршено исто како што се однесува вашиот небесен Татко!‘“
Матеј 5:21-48 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
„Сте слушале дека им било речено на старите: ‚Не убивај! А кој ќе убие, ќе биде осуден пред судот.‘ Јас, пак, ви велам дека секој, што се гневи на брата си (без причина), ќе биде осуден пред судот; а оној што ќе го нарече брата си ‚празноглав‘, ќе биде осуден пред врховниот суд; оној, пак, што ќе рече ‚будала‘, ќе биде осуден за во пеколот. И така, ако принесуваш дар на жртвеникот и таму се сетиш дека брат ти има нешто против тебе, тогаш остави го дарот таму, пред жртвеникот, па оди и најнапред помири се со брата си, а потоа дојди и принеси го дарот. Измири се со противникот твој навреме, уште додека си на пат со него, за да не те предаде на судијата, а судијата – на служителот и да бидеш фрлен в затвор; вистина ти велам: нема да излезеш оттаму, сѐ додека не ја дадеш и последната пара.“ „Сте слушале дека на старите им било речено: ‚Не прељубодејствувај!‘ Јас, пак, ви велам дека секој што ќе погледне на жена со желба, тој веќе извршил прељуба со неа во срцето свое. Ако те наведува на грев десното око, извади го и фрли го од себе; зашто подобро ти е да изгубиш еден дел од твоето тело, отколку целото да биде фрлено во пеколот. И десната рака, ако те наведува на грев, исечи ја и фрли ја од себе; зашто подобро ти е да изгубиш еден дел, отколку целото твое тело да биде фрлено во пеколот.“ „Речено било исто така: ‚Ако некој ја остави својата жена, нека ѝ даде разводно писмо.‘ А Јас пак ви велам: секој што ќе ја остави својата жена, освен за прељуба, тој ја тера да прељубодејствува; и кој ќе се ожени со така напуштена, тој прељубодејствува.“ „Сте го слушале уште и тоа дека им било речено на старите – ‚Не колни се криво, а заклетвите пред Господ исполнувај ги.‘ Јас, пак, ви велам: не колнете се воопшто – ниту во небото, зашто тоа е престол Божји; ниту во земјата, зашто таа е подножје на нозете Негови; ниту во Ерусалим, зашто е град на великиот Цар. Не колни се ни во главата своја, зашто не можеш ниту едно влакно од косата своја да направиш бело или црно. Но зборот ваш да биде: ‚да‘, ‚да‘, или ‚не‘, ‚не‘, а сѐ што е повеќе од тоа, од лукавиот е.“ „Сте слушале дека е речено: ‚Око за око, заб за заб.‘ Јас, пак, ви велам: не противете се на лукавиот. Ако некој те удри по десниот образ, заврти му го и другиот. А оној што сака да се суди со тебе и да ти ја земе кошулата, дај му ја и наметката. И ако некој те присили да одиш со него една милја, ти оди две. На оној што бара од тебе, дај му, и не одбивај го оној што ти сака нешто на заем.“ „Сте слушале дека е кажано: ‚Љуби го својот ближен, а мрази го непријателот.‘ А јас, пак, ви велам: љубете ги непријателите свои, (благословувајте ги оние што ве колнат, правете им добро на оние што ве мразат) и молете се за оние што ве (навредуваат и) гонат, за да бидете синови на Вашиот Отец небесен; зашто Тој го остава Своето сонце да грее и над лошите и над добрите, и им праќа дожд и на праведните и на грешните. Зашто, ако ги сакате оние што вас ве сакаат, каква ќе ви биде наградата? Зар не го прават тоа и цариниците? И, ако ги поздравувате само браќата свои, што особено правите? Не постапуваат ли така и незнабошците? Но бидете совршени како што е совршен вашиот Отец небесен.“
Матеј 5:21-48 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
“Сте чуле дека им беше речено на старите: ‘Не убивај! А кој ќе убие, ќе биде виновен пред судот.’ А Јас ви велам, дека секој, кој се гневи на брата си без причина, ќе биде виновен пред судот. А кој ќе му рече на брата си „празноглавец“, ќе биде виновен пред синедрионот. А кој ќе го нарече „безумник“, ќе биде виновен за во огнениот пекол. И така, ако принесуваш свој дар на олтарот и си спомниш таму дека брат ти има нешто против тебе, остави го таму својот дар пред олтарот, и оди првин помири се со брата си, па тогаш дојди и принеси го својот дар. Покажи бргу добра волја кон твојот противник, додека си уште со него на пат, за да не те предаде противникот на судијата, а судијата на служителот, па да те фрлат во темница. Вистина ти велам: нема да излезеш оттаму, додека не го исплатиш и последниот кодрант.“ “Сте чуле дека им било речено на старите: ‘Не прави прељуба!’ А Јас ви велам дека секој, кој гледа на жена со желба, веќе извршил прељуба со неа во своето срце. Ако твоето десно око те соблазнува, извади го и фрли го од себе; зашто е подобро да ти пропадне еден од членовите, отколку целото твое тело да биде фрлено во пеколот. И ако твојата десна рака те соблазнува, отсечи ја и фрли ја од себе; зашто ти е подобро да пропадне еден од твоите членови, отколку целото твое тело да отиде во пеколот. “Исто така било речено: ‘Кој ќе ја остави својата жена, нека ѝ даде разводно писмо.’ А Јас ви велам дека секој, кој ја остава својата жена, освен за прељуба, ја прави да врши прељуба, и кој се оженува со така напуштена, врши прељуба.“ “Уште сте чуле, дека им било речено на старите: ‘Не нарушувај ја клетвата, а исполнувај ги пред Господа своите клетви.’ А Јас ви велам: не колнете се никако; ниту во небото, зашто е Божји престол; ниту во земјата, зашто е подно-жје на Неговите нозе; ниту во Ерусалим, зашто е град на вели-киот Цар. Не ќе се колниш ни во својата глава, зашто не можеш ниедно влакно да го направиш бело или црно! Туку вашиот збор нека биде: ‘да’, да - ‘не’, не! Што е повеќе од тоа, од лукавиот е.“ “Сте чуле дека било речено: ‘Око за око и заб за заб.’ А Јас пак ви велам: не противете му се на злото; туку, ако некој те плесне по твојот десен образ, сврти му го и другиот. Ако некој сака да се суди со тебе и да ти ја земе кошулата, остави му ја и наметката. Ако некој те принуди да одиш со него една милја, ти оди две со него. Дај му на оној што бара од тебе, и не свртувај се од оној што ти сака на заем.“ “Сте чуле дека било речено: ‘Љуби го својот ближен и мрази го својот непријател’. А Јас ви велам: Љубете ги своите непријатели и молете се за оние, кои ве гонат; за да бидете синови на вашиот Татко, Кој е во небесата, Кој прави Неговото сонце да изгрева над злите и над добрите, и дава дожд на праведните и на неправедните. Зашто ако ги љу-бите оние, кои ве љубат вас, каква награда имате? Зар и цариниците не го прават тоа исто? И ако ги поздравувате само своите браќа; што правите особено? Зар не го прават истото и цариниците? И така, бидете совршени, како што е совршен вашиот небесен Татко.“