Потоа војниците на управникот Го зедоа Исус во судницата и ја собраа целата чета околу Него, па, откако Го соблекоа, Му облекоа багреница; исплетоа трнов венец, Му Го кладоа на главата и Му дадоа во десната рака трска; и паѓајќи на колена, Му се потсмеваа и велеа: „Те поздравуваме, Царе Јудејски!“ И плукаа на Него и со трската Го удираа по главата. А кога Го исмеаја, Му ја соблекоа багреницата, Му ги облекоа Неговите алишта и Го поведоа на распнување.
На излегување сретнаа еден Киринеец, по име Симон; него го натераа да Му го носи крстот. И кога дојдоа на местото наречено Голгота, што значи Черепница, Му дадоа да пие оцет, измешан со жолчка. Но Тој вкуси и не сакаше да пие. А штом Го распнаа, ги разделија алиштата Негови, фрлајќи ждрепка; па седеа таму и Го чуваа; и Му кладоа над главата натпис, со вината Негова: „Овој е Исус, Царот Јудејски.“ Тогаш распнаа со Него и двајца разбојници; едниот од десната страна, а другиот од левата. А минувачите, вртејќи ги главите свои, Го хулеа и велеа: „Ти, што го уриваш храмот и за три дни го соѕидуваш, спаси се Себеси! Ако си Син Божји, симни се од крстот!“ Исто така и првосвештениците, заедно со книжниците, старешините, и фарисеите, потсмевајќи се говореа: „Други спасуваше, а Сам Себе не може да се спаси! Ако е Тој Цар Јудејски, нека слезе од крстот, па ќе поверуваме во Него. Се надеваше на Бога, нека Го избави сега, ако е по волјата Негова, бидејќи говореше: ‚Син Божји Сум!‘“ И разбојниците, распнати со Него, Го хулеа исто така.