Тогаш доведоа кај Него еден бесомачен од зол дух, кој беше слеп и нем; и го излекува, така што слепонемиот прогледа и проговори. И сиот народ се чудеше и велеше: „Да не е Овој Христос, синот Давидов?“ А фарисеите, штом го чуја тоа, рекоа: „Тој не ги истерува демоните на друг начин освен преку Велзевул, началникот на демоните!“ Но Исус, знаејќи ги нивните помисли, им рече: „Секое царство, ако се раздели, запустува; и секој град или дом, ако се раздели на противни групи, ќе пропадне. И ако сатаната изгонува сатана, тој се разделил сам против себе; тогаш како може да се запази царството негово? И ако Јас ги истерувам демоните преку Велзевул, синовите ваши, преку кого ги изгонуваат? Затоа тие ќе ви бидат судии. Ако, пак, Јас истерувам демони со Духот Божји, тоа значи дека до вас дошло царството Божјо. Или, како може да влезе некој во куќата на силен човек и да му ја плени покуќнината, ако најнапред не го врзе силниот, па дури тогаш да му ја ограби куќата? Кој не е со Мене, против Мене е; и кој не собира со Мене, тој растура. Затоа ви велам: секој грев и хула ќе им се прости на луѓето, но хулата против Светиот Дух нема да им се прости на луѓето. И ако некој каже збор против Синот Човечки, ќе му се прости; но ако каже нешто против Светиот Дух, нема да му се прости ни на овој, ни на оној свет.“
„Или, ако насадите добро дрво и плодот ќе му биде добар; а ако насадите лошо дрво и плодот ќе му биде лош; зашто по плодот се познава дрвото. Змиски рожби! Како можете да говорите добро, кога сте лоши? Зашто устата го зборува она што излегува од преполнетото срце. Добриот човек од доброто сокровиште изнесува добро, а лошиот човек од лошото сокровиште – лошо. И ви велам дека за секој лош збор, што ќе го изговорат луѓето, ќе одговараат на судниот ден; зашто по зборовите свои ќе бидеш оправдан, и по зборовите свои ќе бидеш суден.“