Матеј 12:22-37
Матеј 12:22-37 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Тогаш доведоа кај Него еден бесомачен од зол дух, кој беше слеп и нем; и го излекува, така што слепонемиот прогледа и проговори. И сиот народ се чудеше и велеше: „Да не е Овој Христос, синот Давидов?“ А фарисеите, штом го чуја тоа, рекоа: „Тој не ги истерува демоните на друг начин освен преку Велзевул, началникот на демоните!“ Но Исус, знаејќи ги нивните помисли, им рече: „Секое царство, ако се раздели, запустува; и секој град или дом, ако се раздели на противни групи, ќе пропадне. И ако сатаната изгонува сатана, тој се разделил сам против себе; тогаш како може да се запази царството негово? И ако Јас ги истерувам демоните преку Велзевул, синовите ваши, преку кого ги изгонуваат? Затоа тие ќе ви бидат судии. Ако, пак, Јас истерувам демони со Духот Божји, тоа значи дека до вас дошло царството Божјо. Или, како може да влезе некој во куќата на силен човек и да му ја плени покуќнината, ако најнапред не го врзе силниот, па дури тогаш да му ја ограби куќата? Кој не е со Мене, против Мене е; и кој не собира со Мене, тој растура. Затоа ви велам: секој грев и хула ќе им се прости на луѓето, но хулата против Светиот Дух нема да им се прости на луѓето. И ако некој каже збор против Синот Човечки, ќе му се прости; но ако каже нешто против Светиот Дух, нема да му се прости ни на овој, ни на оној свет.“ „Или, ако насадите добро дрво и плодот ќе му биде добар; а ако насадите лошо дрво и плодот ќе му биде лош; зашто по плодот се познава дрвото. Змиски рожби! Како можете да говорите добро, кога сте лоши? Зашто устата го зборува она што излегува од преполнетото срце. Добриот човек од доброто сокровиште изнесува добро, а лошиот човек од лошото сокровиште – лошо. И ви велам дека за секој лош збор, што ќе го изговорат луѓето, ќе одговараат на судниот ден; зашто по зборовите свои ќе бидеш оправдан, и по зборовите свои ќе бидеш суден.“
Матеј 12:22-37 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Тогаш доведоа кај Исус еден слеп и нем човек, кој беше обземен од демонски духови, и Тој го исцели, така што немиот прозборува и прогледа. Целиот народ беше вчудовиден и се прашуваше: „Да не е овој Месијата, Синот Давидов?“ Кога фарисеите разбраа за тоа, рекоа: „Тој изгонува демони бидејќи демонскиот поглавар Баалзибул е во Него!“ Знаејќи ги нивните мисли, Исус им рече: „Ниедно царство не може да се одржи доколку во него има внатрешни раздори; и ниеден град или дом во кој има неслога не може да опстане. Ако Сатаната го изгонува Сатаната, тогаш тој настапува против самиот себе; како може, тогаш, да му се одржува царството? Ако Јас изгонувам демони со помош на Баалзибул, тогаш, кажете ми, со чија помош вашите следбеници ги изгонуваат демоните? Затоа, тие ќе ви судат! Ако, пак, Јас изгонувам демони со помош на Божјиот Дух, тогаш тоа е знак дека Божјото царство ви пристигнало! Може ли некој да му упадне во куќата на силен човек и да му го ограби имотот, ако најпрво не го врзе силниот човек, за потоа да може да му ја ограби куќата? Кој не е со Мене, против Мене е; кој со Мене не собира тој растура! Ви велам: на луѓето ќе им биде простен секој грев и секоја навреда, но ако Го навредат Светиот Дух нема да им биде простено. И навредувањето против Мене, Синот Човечки ќе се прости, но навредувањето против Светиот Дух нема да се прости ни на овој свет ни на идниот.“ „Вие добро знаете дека питомото дрво раѓа питом плод, а дивото дрво раѓа див плод, зашто дрвото се распознава според плодот. Змиски рожби! Како може од вас да произлезат благородни зборови, кога сте зли!? Устата го зборува тоа што човек го има во срцето! Благороден човек изговара благородни зборови, бидејќи срцето му е благородна ризница, а лошиот човек изговара лоши зборови, бидејќи срцето му е зла ризница. Ве предупредувам дека за секој непромислен збор што ќе го изговорат луѓето, ќе одговараат на Судниот ден! Твоите сопствени зборови или ќе те оправдаат, или ќе те осудат.“
Матеј 12:22-37 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Тогаш доведоа при Него еден опседнат од демон, кој беше слеп и нем; и го исцели, така што слепонемиот проговори и прогледа. И сите мноштва се восхитуваа и зборуваа: „Не е ли Овој Синот Давидов?“ А фарисеите, кога го чуја тоа, рекоа: „Овој ги изгонува демоните само преку Велзевул, владетелот на демоните.“ Исус знаејќи ги нивните мисли, им рече: „Секое царство, разделено против себеси, запустува, и секој град или дом, кој се разделил против себеси, нема да опстане. И ако сатаната изгонува сатана, тој се разделил против себеси, и како ќе опстане неговото царство? И ако Јас ги изгонувам демоните преку Велзевула, преку кого ги изгонуваат вашите синови? Затоа тие ќе ви бидат судии; но, ако Јас ги изгонувам демоните преку Духот Божји, тогаш царството Божјо дошло врз вас. Или, како може некој да влезе во куќа на силен човек и да му ја плени покуќнината, ако најнапред не го врзе силниот, и тогаш ќе му ја ограби куќата? Кој не е со Мене, тој е против Мене; и кој не собира со Мене, растура. Затоа ви велам: секој грев и хула ќе им се прости на луѓето, но хулата против Духот нема да се прости. И ако некој рече збор против Синот Човечки, ќе му се прости; но ако некој рече против Светиот Дух, нема да му се прости ниту во овој век, ниту во идниот. Или направете го дрвото добро, и неговиот плод добар; или направете го дрвото расипано, и неговиот плод расипан; зашто дрвото се познава по плодот. Породи змиини! Како можете да зборувате добро, кога сте зли? Зашто од преполнувањето на срцето зборува устата. Добриот човек од доброто сокровиште донесува добри нешта; а злиот човек од злото сокровиште донесува зли нешта. И ви велам, дека за секој празен збор, што ќе го изговорат луѓето, ќе одговараат на судниот ден; зашто по твоите зборови ќе бидеш оправдан, и по твоите зборови ќе бидеш осуден.