Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Матеј 10:24-42

Матеј 10:24-42 MK2006

Нема ученик поголем од својот учител, ниту слуга – поголем од својот господар. Доста е за ученикот да биде како неговиот учител и на слугата да биде како неговиот господар. Ако стопанот на куќата го нарекле Велзевул, тогаш колку повеќе неговите домашни!?“ „И така, не плашете се од нив; заш­то нема ништо сокриено што не ќе се открие, или тајно, што нема да се дознае. Тоа што ви го говорам во темнина, кажете го на видело; и она што ви се шепоти, разгласувајте го од покривите! И не плашете се од оние што го убиваат телото, а душата не можат да ја убијат; туку плашете се повеќе од Оној Кој може и душата и телото да ги погуби во пеколот! Не се продаваат ли две врапчиња за еден денар? И ни едно од нив нема да падне на земја без волјата на вашиот Отец. А вам и влакната на главата ви се изброени. Но не плашете се: вие сте поскапи од многу врапчиња.“ „И така, секој што ќе Ме признае Мене пред луѓето, ќе го признаам и Јас него пред мојот Отец небесен. А кој ќе се одрече од Мене пред лу­ѓето, и јас ќе се одречам од него пред Мојот Отец небесен.“ „Немојте да мислите дека дојдов да донесам мир на земјата; не дојдов да до­несам мир, туку меч. Зашто дојдов да разделам човек од татко си, и ќерка од мајка си, и снаа од свекрвата нејзина. И непријатели на човека ќе бидат неговите домашни. Кој љуби татко или мајка повеќе од Мене, не е достоен за Мене; и кој љуби син или ќерка повеќе од Мене, не е достоен за Мене; и кој не го земе крстот свој и не оди по Мене, не е достоен за Мене. Кој си го чува животот свој, ќе го загуби, а кој ќе го загуби животот свој заради Мене, повторно ќе си го најде.“ „Кој ве прима вас, Ме прима Мене; а кој Ме прима Мене, Го прима Оној што Ме пратил. Кој прима пророк во пророчко име, ќе добие пророчка награда; и кој прима праведник во праведничко име, ќе добие праведничка награда. И кој ќе напои еден од овие најбезначајните само со чаша студена вода во име на ученик, вистина ви велам, нема да ја загуби својата награда.“