А кога се насобра многу народ, и кога жителите од секој град доаѓаа кај Него, рече во парабола: „Излезе сејач да сее семе. Додека сееше, едно падна покрај пат и беше изгазено, и птиците небески го исколваа; а друго падна на камен, па штом никна, се исуши, зашто немаше влага; едно, пак, падна меѓу трње; и израсна трњето, па го задуши; а друго падна на добра земја, и кога изникна, донесе стократен плод.“ Откако го рече ова, извика: „Кој има уши да слуша, нека чуе!“
А учениците Негови Го прашаа, велејќи: „Што значи таа парабола?“ Тој рече: „Вам ви е дадено да ги знаете тајните на царството Божјо, а на другите ќе им се зборува со параболи, да гледаат, а сепак да не видат, и да слушаат, а сепак да не разберат!
А оваа парабола значи: семето е словото Божјо. Она што падна покрај патот, се оние кои слушаат, но потоа доаѓа ѓаволот и им го зема словото од срцата нивни, за да не поверуваат и да не се спасат; а она на камен – се оние кои, кога ќе го чујат словото, со радост го примаат; но немаат корен и веруваат некое време, па штом дојдат искушенијата, тие се откажуваат; тоа, пак, што падна меѓу трње, се оние што го слушаат словото, но откако ќе заминат, се гушат од грижи, богатства и наслади од овој живот и не донесуваат плод; а тоа што падна на добрата земја, се тие што го слушаат словото и го чуваат во добро и чисто срце, и донесуваат плод во трпение.“ Штом го рече тоа, извика: „Кој има уши да слуша, нека чуе!“