А Тој им одговори и рече: „Мојата мајка и Моите браќа се оние што го слушаат словото Божјо и го исполнуваат.“
Еден ден влезе Тој во кораб со учениците Свои и им рече: „Да минеме на другата страна од езерото!“ И појдоа. Додека пловеа, Тој заспа. А над езерото се појави силен ветар, па ги плискаше водата и тие беа во опасност. Пристапија и Го разбудија, говорејќи: „Учителе, Учителе, загинуваме!“ А Тој, штом се разбуди, им заповеда на ветрот и брановите; и тие се смирија и настана тишина. И им рече: „Каде е верата ваша?“ А тие се уплашија и се чудеа, велејќи си еден на друг: „Кој е Овој што и на ветровите и на водата им заповеда и Го слушаат?“
И пристигна во Гадаринскиот крај, спроти Галилеја. А кога излезе Тој на суво, Го сретна еден човек од градот, кој беше обземен од демони и долго време не облекуваше алишта, и не живееше дома, туку по гробовите. Кога Го виде Исус, викајќи падна пред Него, и гласно рече: „Што сакаш од мене, Ти, Исусе, Сине на Севишниот Бог? Ти се молам, не мачи ме!“ А Исус му беше заповедал на нечистиот дух да излезе од човекот, зашто долго време го мачеше. Го чуваа во окови, и со ланци го врзуваа, но тој ги раскинуваше оковите и демонот го тераше да оди во пусти места. А Исус го праша, велејќи: „Како ти е името?“ Тој одговори: „Легион“, зашто многу демони беа влегле во него. И Го молеа Исус да не им наредува да одат во бездната. А таму, по ридот, пасеа многу свињи; па Го молеа да им допушти да влезат во нив. И им допушти. И откако излегоа лошите духови од човекот, влегоа во свињите; и крдото се стркала низ стрмнината и се удави во езерото. Свињарите, кога видоа што се случи, избегаа и раскажаа по градот и околината. И излегоа да видат што станало; па кога дојдоа кај Исус, го најдоа човекот, од кого беа излегле нечистите духови, како седи пред нозете Исусови, облечен и со здрав разум; и се исплашија. А оние што беа виделе, им раскажаа како се излечи бесомачениот. Сиот народ од Герасинскиот крај Го замоли да си оди од нив; зашто се беа уплашиле многу. И Тој влезе во коработ и се врати. Човекот, пак, од кого беа излегле демоните, Го замоли да биде со Него; но Исус го отпушти, велејќи: „Врати се во домот свој и раскажувај што ти направи Бог!“ Тој си отиде и расправаше по целиот град што му направи Исус.