Лука 8:21-39
Лука 8:21-39 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
А Тој им одговори и рече: „Мојата мајка и Моите браќа се оние што го слушаат словото Божјо и го исполнуваат.“ Еден ден влезе Тој во кораб со учениците Свои и им рече: „Да минеме на другата страна од езерото!“ И појдоа. Додека пловеа, Тој заспа. А над езерото се појави силен ветар, па ги плискаше водата и тие беа во опасност. Пристапија и Го разбудија, говорејќи: „Учителе, Учителе, загинуваме!“ А Тој, штом се разбуди, им заповеда на ветрот и брановите; и тие се смирија и настана тишина. И им рече: „Каде е верата ваша?“ А тие се уплашија и се чудеа, велејќи си еден на друг: „Кој е Овој што и на ветровите и на водата им заповеда и Го слушаат?“ И пристигна во Гадаринскиот крај, спроти Галилеја. А кога излезе Тој на суво, Го сретна еден човек од градот, кој беше обземен од демони и долго време не облекуваше алишта, и не живееше дома, туку по гробовите. Кога Го виде Исус, викајќи падна пред Него, и гласно рече: „Што сакаш од мене, Ти, Исусе, Сине на Севишниот Бог? Ти се молам, не мачи ме!“ А Исус му беше заповедал на нечистиот дух да излезе од човекот, зашто долго време го мачеше. Го чуваа во окови, и со ланци го врзуваа, но тој ги раскинуваше оковите и демонот го тераше да оди во пусти места. А Исус го праша, велејќи: „Како ти е името?“ Тој одговори: „Легион“, зашто многу демони беа влегле во него. И Го молеа Исус да не им наредува да одат во бездната. А таму, по ридот, пасеа многу свињи; па Го молеа да им допушти да влезат во нив. И им допушти. И откако излегоа лошите духови од човекот, влегоа во свињите; и крдото се стркала низ стрмнината и се удави во езерото. Свињарите, кога видоа што се случи, избегаа и раскажаа по градот и околината. И излегоа да видат што станало; па кога дојдоа кај Исус, го најдоа човекот, од кого беа излегле нечистите духови, како седи пред нозете Исусови, облечен и со здрав разум; и се исплашија. А оние што беа виделе, им раскажаа како се излечи бесомачениот. Сиот народ од Герасинскиот крај Го замоли да си оди од нив; зашто се беа уплашиле многу. И Тој влезе во коработ и се врати. Човекот, пак, од кого беа излегле демоните, Го замоли да биде со Него; но Исус го отпушти, велејќи: „Врати се во домот свој и раскажувај што ти направи Бог!“ Тој си отиде и расправаше по целиот град што му направи Исус.
Лука 8:21-39 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
А Тој им одговори: „Мојата мајка и Моите браќа се оние што ја слушаат Божјата порака и ја исполнуваат.“ Еден ден Исус се качи на бротче, заедно со Своите ученици, на кои им рече: „Да преминеме на другата страна од езерово!“ И испловија. Додека пловеа, Тој заспа. Одеднаш, езерото го зафати силна бура и бротчето беше во опасност да потоне, а нивните животи беа загрозени. Учениците дојдоа кај Исус, Го разбудија, викајќи: „Господару! Господару! Гинеме!“ Исус се разбуди и им заповеда на ветрот и на разбрануваното езеро да се смират. Настапи длабока тишина. Потоа им се обрати на учениците: „Каде ви е верата!?“ А тие, стаписани и зачудени си шепотеа еден на друг: „Кој е Овој човек, што и на ветровите и на брановите им наредува и тие Му се покоруваат!?“ Исус и Неговите ученици пристигнаа во пределите на Гадара, спроти Галилеја. Кога Исус излегуваше на копното, Му пријде еден човек обземен со демонски духови, кој веќе подолго време одеше гол и не живееше дома, туку во гробните пештери. Забележувајќи Го Исуса, вресна, Му се фрли пред нозете и извика: „Што сакаш да ми сториш, Исусе, Сине на Севишниот Бог? Те молам не казнувај ме!“ Тоа го рече затоа што Исус му беше заповедал на демонскиот дух да излезе од човекот, кого веќе одамна го беше запоседнал. Иако го држеа како затвореник и го врзуваа со вериги, тој ги кинеше веригите и, гонет од демонскиот дух, бегаше во пустината. Исус го праша како се вика, на што тој одговори: „Легион“, зашто во него имаше цела легија демони. Демоните Го молеа Исуса да не ги праќа во Бездната. А во близината, на ридот, пасеше едно крдо свињи. Демоните Го замолија Исуса да ги пушти да влезат во свињите и Тој им дозволи. Излегувајќи од човекот, демонските духови влегоа во свињите, кои јурнаа низ стрмнината право во езерото и се удавија. Кога свињарите видоа што се случи избегаа и разгласија за тоа низ градот и околината. Луѓето излегоа да видат што се случило и кога дојдоа кај Исус го видоа човекот од кој беа излегле демонските духови како седи до Исусовите нозе, облечен и присебен. Се исплашија. А очевидците им раскажаа како беше исцелен обземениот човек. Тогаш целиот народ од гадарскиот крај Го замоли Исуса да си замине од кај нив, зашто голем страв им беше влегол во коските. Исус се качи на бротчето и си замина. А човекот што беше ослободен од демонските духови Го молеше и тој да Му се придружи; но Исус го одби, велејќи му: „Врати се дома и раскажувај за ова што Бог го направи за тебе!“ Така тој отиде и на целиот град му раскажуваше што направи Исус за него.
Лука 8:21-39 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
А Тој им одговори и рече: „Моја мајка и Мои браќа се оние, кои го слушаат Божјото Слово и го исполнуваат.“ А еден ден, Тој влезе во кораб со Своите ученици и им рече: „Да минеме на другата страна на езерото!“ И отпловија. А Тој заспа додека пловеа. Тогаш над езерото се спушти бура и коработ се наполни со вода, и беа во опасност. И дојдоа и Го разбудија, велејќи: „Учителе, Учителе! Загинуваме!“ А Тој се разбуди, им запрети на ветерот и на брановите и се смирија, па настана тишина. А ним им рече: „Каде ви е верата?“ А тие, уплашени се чудеа и си рекоа еден на друг: „Кој е Овој што им заповеда на ветровите и на водата, и Му се покоруваат?“ И допловија до Гадаринскиот крај, спроти Галилеја. А кога излезе на копно, Го сретна еден човек од градот, кој имаше зли духови, и долго време не носеше облека, ниту живееше во куќа, туку во гробовите. Кога Го виде Исуса, извика, падна пред Него и рече многу гласно: „Што сакаш од мене, Исусе, Сине на Сѐвишниот Бог? Те молам, не ме измачувај!“ Зашто му беше заповедал на нечистиот дух да излезе од човекот, кого го опфатил одамна, така што го врзуваа со вериги и го држеа во окови, и го чуваа, но тој ги раскинуваше оковите и бесот го гонеше во пустините. Исус го праша: „Како ти е името?“ Тој пак рече: „Легион“, зашто многу демони влегле во него. И Го замолија да не им наредува да одат во бездната. А таму по ридот, имаше големо стадо свињи, што пасеа. И демоните Го замолија да им дозволи да влезат во свињите, и им дозволи. И откако излегоа демоните од човекот, влегоа во свињите; и стадото се спушти низ стрмнината во езерото и се удави. А кога пастирите видоа што се случи, избегаа и јавија за тоа во градот и во селата. Луѓето пак излегоа да видат што се случи, па дојдоа при Исуса и го најдоа човекот, од кого излегоа нечи-стите духови, како седи до Исусо-вите нозе, облечен и умен, и се исплашија. А тие, кои го видоа тоа, им раскажаа како беше спасен бесниот. И целото множество од Гадаринската околина Го замоли да отиде од нив, зашто ги опфати голем страв, Тој пак влезе во коработ и се врати. А човекот, од кого излегоа демоните, Го молеше да остане со Него; но го отпушти, велејќи: “Врати се во својот дом и раскажувај што ти направи Бог!“ И си отиде разгласувајќи по целиот град што му направи Исус.