А кога беше Исус во еден град, дојде некој човек, сиот лепрозен, и штом Го виде Исус, падна ничкум и молејќи Му се, рече: „Господи, ако сакаш можеш да ме очистиш.“ Исус, подавајќи ја раката, го допре и рече: „Сакам, очисти се!“ И веднаш лепрата падна од него. И му заповеда никому да не кажува; и му рече: „Оди и покажи му се на свештеникот, и принеси дар за очистувањето твое, како што одредил Мојсеј, ним за сведоштво!“ Но уште повеќе се разнесуваше глас за Него и многу луѓе доаѓаа да Го слушаат и да бидат излечени од своите болести. А Тој се повлекуваше во осамени места и се молеше.
Еден ден, додека Тој поучуваше, седеа таму фарисеи и законоучители, кои беа дошле од сите села на Галилеја и Јудеја, и од Ерусалим; а Тој имаше сила Господова да лекува. И, ете, некои донесоа на постела еден човек, што беше неподвижен, и сакаа да го внесат и положат пред Него; па, бидејќи не најдоа место од каде да го внесат поради народот, се качија на куќата и преку покривот го спуштија сосе постела, насреде, пред Исус. А Тој, штом ја виде верата нивна, рече: „Човеку, ти се простуваат гревовите!“ Книжниците, пак, и фарисеите почнаа да размислуваат и да велат: „Кој е Овој што хули на Бога? Кој може да ги простува гревовите, освен Единиот Бог?“ А Исус, кога ги разбра нивните помисли, им одговори и рече: „Што размислувате во срцата свои? Што е полесно да се каже: ‚Ти се простуваат гревовите‘, или да кажам: ‚Стани и оди?‘ Но за да знаете дека Синот Човечки има власт на земјата да ги простува гревовите.“ Му рече на неподвижниот: „Тебе ти велам: стани, земи си ја постелата и оди си дома!“ И тој веднаш стана пред нив и си го зеде она, на кое лежеше, па си отиде дома, славејќи Го Бога. Ужас ги обзеде сите и Го славеа Бога; па, исполнети со страв, говореа: „Чудни работи видовме денес!“
А потоа излезе Исус и виде еден цариник, по име Левиј, кој седеше во царинарницата, и му рече: „Врви по Мене!“ Тој остави сѐ, стана и тргна по Него. И во својот дом Левиј Му приготви голема гозба; а таму имаше многу цариници и други што седеа на трпезата со нив. Книжниците, пак, и фарисеите негодуваа против Него и им говореа на учениците Негови: „Зошто со цариници и грешници јадете и пиете?“ Исус им одговори и рече: „Здравите немаат потреба од лекар, туку болните; не сум дошол да ги повикам праведните на покајание, туку грешните.“