А на оние што го слушаа ова, им кажа и една парабола, бидејќи беше близу до Ерусалим и тие мислеа дека набргу ќе се појави царството Божјо, па рече: „Еден благородник заминуваше во далечна земја да прими царска власт за себе и потоа да се врати. Тогаш ги повика своите десет слуги, им даде десет мини и им рече: ‚Тргувајте со нив, додека да се вратам!‘ Но граѓаните го мразеа и испратија по него пратеници, велејќи: ‚Нејќеме тој да царува над нас.‘ А кога се врати, по примањето на царската власт, нареди да ги повикаат оние слуги, на кои им ги беше дал парите, за да види, кој колку спечалил. Дојде првиот и му рече: ‚Господаре, твојата мина заработи десет мини.‘ И му рече: ‚Добро, верен слуго; во мала работа беше верен, еве ти власт над десет градови.‘ Дојде вториот и рече: ‚Господаре, твојата мина заработи пет мини.‘ А тој и нему му рече: ‚И ти биди – над пет градови.‘ И друг дојде, велејќи: ‚Господаре, еве ти ја твојата мина, што ја чував в крпа, зашто се плашев од тебе, бидејќи си строг човек: земаш од каде што не си оставил и жнееш, каде што не си сеел.‘ А господарот му рече: ‚Со твојата уста ќе ти судам, лукав слуго; ти знаеш дека сум жесток човек: земам од каде што не сум оставил и жнеам, каде што не сум сеел; тогаш, зошто не ги даде моите пари кај трговците, та кога ќе се вратам, да си го соберам сосе добивка?‘ Па им рече на присутните: ‚Земете ја од него мината и дајте му ја на оној, што има десет мини!‘ И му рекоа: ‚Господаре, тој има десет мини!‘ Ви велам дека секому што има ќе му се придаде; а од оној што нема, ќе му се одземе и она што го има. А оние мои непријатели, што не сакаат да царувам над нив, доведете ги тука и погубете ги пред мене!“