Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Левитска 7:11-34

Левитска 7:11-34 MK2006

Тоа е закон за жртвата за мир, што Му се принесува на Господ. Кога некој ја принесува од благодарност, заедно со жртвата треба да при­несат и бесквасни лебови, замесени со масло, и бесквасни питки намачкани со масло, како и пченично брашно измешано со масло и лебови, месени со масло. Освен питки, да принесува жртва и леб месен со квас, како жртвата за мир од благодарност. И од сето она што се принесува, нека принесува едно како жртва што се вознесува пред Господ; тоа нека му припаѓа на оној свештеник што попрс­кува со крвта на жртвата за мир. А месото на жртвата за мир од бла­годарност нека биде негово и нека се изеде во оној ден кога се принесува; нека не се остава ништо до изутрината. Ако се принесува жртва поради завет или од усрдност, таа нека се јаде во истиот ден, а ако остане нешто, нека се изеде другиот ден. Ако нешто од месото на таа жртва остане третиот ден, тогаш нека се изгори со оган. Ако некој на третиот ден јаде од месото на жртвата за мир, таа нема да му биде примена, бидејќи тоа е осквернување; и секој што ќе јаде од неа, ќе згреши. Ако тоа месо се допре до нешто нечисто, да не се јаде, туку да се изгори со оган; а чистото месо може да го јаде секој што е чист. А ако некој има на себеси нечис­тотија, па јаде месо од жртвата за мир што е на Господ, тој треба да се истреби од својот народ. И ако некој, откако се допре до нешто нечисто или до нечистотија човечка, или до нечист добиток, или до некоја нечиста гадинка, па јаде месо од жртвата за мир што е на Господ, тој да се истреби од народот свој!“ И пак му рече Господ на Мојсеј, велејќи: „Кажи им на синовите на Израел, и речи им: не јадете лој ни од вол, ни од овца, нити од коза. Лојот од добиток што пцовисал или е растргнат од ѕвер може да се употребува за секоја работа; но тој лој да не се јаде. Оној, што ќе јаде лој од добиток, што се принесува како жртва пред Господ, нека се истреби од народот свој. Никаква крв да не јадете во сите живеалишта свои, од ниедно животно, ниту, пак, од птици. А кој ќе јаде каква и да било крв, ќе биде истребен од народот свој!“ Пак му рече Господ на Мојсеј, ве­лејќи: „Кажи им на синовите израелски, и речи им: кој принесува жртва за мир пред Господ, нека принесува дел од жртвата како принос на Господ. Со свои раце да принесува принос пред Господ; лојот со градите нека го принесува, нишајќи ги градите пред лицето Господово. А свештеникот нека го изгори лојот врз жртвеникот, додека, пак, градите да му припаднат на Арон и сино­вите негови. А десната плешка од жртвата за мир, давајте му ја на свештеникот, за да му биде како дел. На свештеникот, пак, од синовите Аронови, што ги принесува крвта и лојот од жртвата за мир, нека биде не­го­ва десната плешка. Зашто градите од жртвата за мир и плешките што се вознесуваат, ги земам од синовите израелски и му ги давам на свештеникот Арон и на синовите не­гови како вечно озаконет дел од синовите израелски.