Левитска 7:11-34
Левитска 7:11-34 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Тоа е закон за жртвата за мир, што Му се принесува на Господ. Кога некој ја принесува од благодарност, заедно со жртвата треба да принесат и бесквасни лебови, замесени со масло, и бесквасни питки намачкани со масло, како и пченично брашно измешано со масло и лебови, месени со масло. Освен питки, да принесува жртва и леб месен со квас, како жртвата за мир од благодарност. И од сето она што се принесува, нека принесува едно како жртва што се вознесува пред Господ; тоа нека му припаѓа на оној свештеник што попрскува со крвта на жртвата за мир. А месото на жртвата за мир од благодарност нека биде негово и нека се изеде во оној ден кога се принесува; нека не се остава ништо до изутрината. Ако се принесува жртва поради завет или од усрдност, таа нека се јаде во истиот ден, а ако остане нешто, нека се изеде другиот ден. Ако нешто од месото на таа жртва остане третиот ден, тогаш нека се изгори со оган. Ако некој на третиот ден јаде од месото на жртвата за мир, таа нема да му биде примена, бидејќи тоа е осквернување; и секој што ќе јаде од неа, ќе згреши. Ако тоа месо се допре до нешто нечисто, да не се јаде, туку да се изгори со оган; а чистото месо може да го јаде секој што е чист. А ако некој има на себеси нечистотија, па јаде месо од жртвата за мир што е на Господ, тој треба да се истреби од својот народ. И ако некој, откако се допре до нешто нечисто или до нечистотија човечка, или до нечист добиток, или до некоја нечиста гадинка, па јаде месо од жртвата за мир што е на Господ, тој да се истреби од народот свој!“ И пак му рече Господ на Мојсеј, велејќи: „Кажи им на синовите на Израел, и речи им: не јадете лој ни од вол, ни од овца, нити од коза. Лојот од добиток што пцовисал или е растргнат од ѕвер може да се употребува за секоја работа; но тој лој да не се јаде. Оној, што ќе јаде лој од добиток, што се принесува како жртва пред Господ, нека се истреби од народот свој. Никаква крв да не јадете во сите живеалишта свои, од ниедно животно, ниту, пак, од птици. А кој ќе јаде каква и да било крв, ќе биде истребен од народот свој!“ Пак му рече Господ на Мојсеј, велејќи: „Кажи им на синовите израелски, и речи им: кој принесува жртва за мир пред Господ, нека принесува дел од жртвата како принос на Господ. Со свои раце да принесува принос пред Господ; лојот со градите нека го принесува, нишајќи ги градите пред лицето Господово. А свештеникот нека го изгори лојот врз жртвеникот, додека, пак, градите да му припаднат на Арон и синовите негови. А десната плешка од жртвата за мир, давајте му ја на свештеникот, за да му биде како дел. На свештеникот, пак, од синовите Аронови, што ги принесува крвта и лојот од жртвата за мир, нека биде негова десната плешка. Зашто градите од жртвата за мир и плешките што се вознесуваат, ги земам од синовите израелски и му ги давам на свештеникот Арон и на синовите негови како вечно озаконет дел од синовите израелски.
Левитска 7:11-34 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
‘Ова е законот за помирителната жртва што ќе Му биде принесувана на Господа. Ако се принесува за благодарност, заедно со жртвата благодарница нека бидат принесени бесквасни погачи замесени со масло; бесквасни кори намачкани со масло и колачиња од чисто брашно, замесени со масло. Овој принос, надополнет со колачиња од заквасено тесто, нека се принесува заедно со помирителната жртва за благодарност. Од секоја ваква жртва нека Му се принесе по еден возвишен принос на Господа. Тоа нека биде за свештеникот што ја прска крвта од помирителната жртва. А месото од помирницата нека биде изедено во истиот ден кога ќе биде жртвувана; од неа нека не се остава ништо за следното утро. А ако биде приносот: жртва заветница или доброволен принос нека биде изедена на денот кога жртвата се принесува. Што ќе остане од неа, нека биде јадено следното утро. А што ќе остане уште од месото на жртвата, нека биде изгорено врз оган на третиот ден. Ако некој јаде месо од помирителната жртва на третиот ден, жртвата нема да биде примена, ниту ќе му се засмета на оној кој ја принесува. Таа жртва е онечистена, и оној што ќе јаде од неа, ќе понесе грев врз себе!’ ‘Месото што ќе се допре до што и да е нечисто, нека не се јаде, туку да биде изгорено на оган! Инаку кој е чист, може да јаде чисто месо. А кој би јал нечисто од месото на помирителната жртва, што Му беше принесена на Господа, да биде истребена таа душа од својот народ. Кога некој ќе се допре до што и да е нечисто - било тоа да е човечка нечистота, некакво нечисто животно или каква и да е нечиста гадинка или какво и да е нечисто суштество - па изеде месо од помирница, што Му е принесена на Господа, таквиот нека биде откорнат од својот народ!’“ Господ му рече на Мојсеја: „Речи им на Израелевите синови вака: ‘Не јадете лој ни волски, ни овчи, ни козји. Лојот од животно што ќе пцовиса, или што дивите ѕверови ќе го раскинат, може да биде употребено за што и да е, но не смеете да го јадете. Секој што јаде лој од животно, што може да Му биде принесено на Господа како паленица, таквиот нека биде откорнат од својот народ. Не смеете да јадете крв ни од птици ни од добиток, ниту во едно од вашите живеалишта. Секој што би јал било каква крв, нека биде откорнат од својот народ.’“ Господ му рече уште на Мојсеја: „Кажи им на Израелевите синови: ‘Приносот на Господа од помирителната жртва треба да ја донесе оној кој Му ја принесува на Господа помирницата. Со своите сопствени раце нека Му ја принесе на Господа жртвата паленица; нека ги принесе лојот и градите; градите да бидат вртени пред Господа. Свештеникот нека го изгори лојот на жртвеникот, а градите нека им припаднат на Арона и на неговите синови. Десната плешка од вашите помирителни жртви дајте му ја дар на свештеникот. На оној Аронов син кој ќе ги принесува крвта и лојот од помирителната жртва нека му припадне во дел десната плешка. Зашто Јас ги земам од Израелевите синови од нивните помирници: вртените гради и воздигнатите плешки, па им ги предавам на Арона и на неговите синови, како вечен закон од Израелевите синови.’“