И му зборуваше Господ на Мојсеј по смртта на двајцата Аронови синови, кога тие, откако принесоа пред Господ, умреа; и му рече Господ на Мојсеј: „Кажи му на братот твој Арон да не влегува во светилиштето зад завесата во секое време пред очистилиштето, што е врз ковчегот, за да не умре, бидејќи Јас ќе се јавувам над очистилиштето во облак. Еве со што да влегува Арон во светилиштето: со теле како жртва за грев и со овен – за сепаленица. Тој треба да го облекува осветениот ленен хитон, на долната половина од телото свое да има ленена облека и да се опашува со ленен појас, и ленен кидар да става – тоа се свети облеки; прво треба да го измие целото свое тело со вода и потоа да ги облекува. И од заедницата на синовите израелски да земе Арон два козела како жртва за грев и еден овен – за сепаленица. Потоа Арон да приведе теле како жртва за грев за себе, и така ќе се направи чист – себеси и домот свој, па ќе ги земе двата козела и ќе ги постави кај вратата од скинијата на собранието, пред лицето Господово. И тогаш Арон ќе фрли ждрепка за двата козела: една ждрепка за Господ, а другата за отпуштање. И да го доведе Арон козелот на кој паднала ждрепката за Господ, и да го принесе како жртва за грев; а козелот на кој паднала ждрепката за отпуштање, да го постави жив пред Господ, за да изврши над него обред за очистување и да го пушти во пустината за отпуштање. Потоа Арон да го приведе телето како жртва за грев за себе, и ќе се очисти самиот и домот негов; и да го принесе како жртва поради гревот свој. А потоа да земе кадилница, полна со разгорен јаглен од жртвеникот, што е пред Господ, и да ги наполни рацете со иситнето миризливо кадиво, и тоа да го внесе зад завесата; и да го стави кадивото врз огнот пред Господ; и димот од кадивото ќе го покрие очистилиштето, што е над ковчегот на заветот, за да не умре. И ќе земе од крвта на телето и со прст ќе го попрска однапред очистилиштето и пред него; седумпати да попрска од крвта со прстот свој пред очистилиштето. Тогаш да го заколе козелот како жртва поради грев за народот, и да внесе од крвта негова зад завесата, и со неа да направи исто како што направи со крвта од телето, и да попрска врз очистилиштето и спрема очистилиштето, и да го очисти светилиштето од нечистотиите на синовите израелски и нивните престапи во сите нивни гревови. Така треба да постапи тој и со скинијата на собранието, која е меѓу нив, среде нечистотиите нивни. Кога ќе влезе тој за да го очисти светилиштето, и сѐ додека не излезе, никој да нема во скинијата. И така ќе се очисти самиот себе, својот дом и сиот израелски народ. Потоа ќе пристапи пред жртвеникот, што е пред Господ, и ќе го очисти и ќе земе од крвта на телето и од крвта на козелот, и ќе ги помаже роговите на жртвеникот од сите страни, и ќе го попрска со прстот свој од крвта седумпати, за да го очисти и освети од нечистотиите на синовите израелски.