Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Левитска 16:1-19

Левитска 16:1-19 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

И му зборуваше Господ на Мојсеј по смртта на двајцата Аро­нови синови, кога тие, откако принесоа пред Господ, умреа; и му рече Господ на Мојсеј: „Кажи му на братот твој Арон да не влегува во светилиштето зад завесата во секое време пред очистилиштето, што е врз ковчегот, за да не умре, бидејќи Јас ќе се јавувам над очистилиштето во облак. Еве со што да влегува Арон во све­тилиштето: со теле како жртва за грев и со овен – за сепаленица. Тој треба да го облекува осветениот ленен хитон, на долната половина од телото свое да има ленена облека и да се опашува со ленен појас, и ленен ки­дар да става – тоа се свети облеки; прво треба да го измие целото свое тело со вода и потоа да ги облекува. И од заедницата на синовите израелски да земе Арон два козела како жртва за грев и еден овен – за сепаленица. Потоа Арон да приведе теле како жр­тва за грев за себе, и така ќе се направи чист – себеси и домот свој, па ќе ги земе двата козела и ќе ги постави кај вратата од скинијата на со­бранието, пред лицето Господово. И тогаш Арон ќе фрли ждрепка за двата козела: една ждрепка за Господ, а другата за отпуштање. И да го доведе Арон козелот на кој паднала ждрепката за Господ, и да го принесе како жртва за грев; а козелот на кој паднала ждрепката за отпуштање, да го постави жив пред Господ, за да изврши над него обред за очистување и да го пушти во пустината за отпуштање. Потоа Арон да го приведе телето како жртва за грев за себе, и ќе се очисти самиот и домот негов; и да го принесе како жртва поради гревот свој. А потоа да земе кадилница, полна со разгорен јаглен од жртвеникот, што е пред Господ, и да ги наполни рацете со иситнето миризливо кадиво, и тоа да го внесе зад завесата; и да го стави кадивото врз огнот пред Господ; и димот од кадивото ќе го покрие очистилиштето, што е над ковчегот на заветот, за да не умре. И ќе земе од крвта на телето и со прст ќе го попрска однапред очис­ти­лиштето и пред него; седумпати да по­прска од крвта со прстот свој пред очистилиштето. Тогаш да го заколе козелот како жртва поради грев за народот, и да внесе од крвта негова зад завесата, и со неа да направи исто како што направи со крвта од телето, и да попрска врз очистилиштето и спрема очис­тилиш­тето, и да го очисти светилиштето од нечистотиите на синовите израелски и нивните престапи во сите нивни гре­вови. Така треба да постапи тој и со ски­нијата на собранието, која е меѓу нив, среде нечистотиите нивни. Кога ќе влезе тој за да го очисти светилиштето, и сѐ додека не излезе, никој да нема во скинијата. И така ќе се очисти самиот себе, својот дом и сиот израелски народ. Потоа ќе пристапи пред жртве­ни­кот, што е пред Господ, и ќе го очисти и ќе земе од крвта на телето и од крвта на козелот, и ќе ги помаже роговите на жртвеникот од сите страни, и ќе го попрска со прстот свој од крвта седумпати, за да го очисти и освети од нечистотиите на синовите из­раелски.

Левитска 16:1-19 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

По смртта на двајцата Аронови синови, кои загинаа принесувајќи му на Господа непосветен оган, Господ му проговори на Мојсеја: Господ му рече на Мојсеја: „Кажи му на брата си Арона да не влегува во секое време во Светилиштето зад завесата, пред Очистилиштето, што е врз ковчегот за да не загине. Зашто Јас ќе се појавувам над Капакот во облак. Арон нека влегува во Светилиштето вака: со јунец за принос за грев и со овен за паленица. Нека се облече во осветен ленен хитон-кошула; нека облече ленени гаќи на своето тело; нека се препаше со ленен појас, а на главата нека стави ленена митра-капа. Тоа се свети облеки, што ќе ги облече откако ќе се искапе во вода. И нека прими од Израелевата заедница: два јарци за принос за грев и еден овен за паленица.“ „Откако Арон ќе го принесе јунецот за принос за грев за себе и ќе направи покривање на гревот за себеси и својот дом, нека ги земе двата јарци и нека ги стави пред Господа при влезот во Шаторот на средбата. Арон нека фрли жрепка за двата јарци и нека го одреди едниот со жрепка за Господа, а другиот за отпуштање. Арон нека го принесе за жртва за грев јарецот, на кого жрепката падна да биде Господов. А јарецот на кого жрепката падна да биде за отпуштање, нека биде поставен жив пред Господа, за да биде извршено покривање на гревот со него и за да биде испратен во пустината за отпуштување, (и за да ги понесе на себе нивните безаконија во непроодна земја). „Потоа Арон нека приведе јунец за принос за грев за себе и нека направи покривање на гревот за себеси и својот дом; и нека го заколе јунецот како жртва за грев за себе. Потоа нека земе кадилница, полна со вжарени јаглења од жртвеникот, што е пред Господа, и два полни грста благомирислив темјан, истолчен во прав. Нека го внесе тоа зад завесата. Сега нека го стави темјанот во огнот пред Господа, за димот од темјан да го покрие Капакот над Сведоштвото. Така нема да загине. Потоа нека земе крв од јунецот и нека ја попрска, со својот прст, источната страна на Капакот; а пред Капакот нека попрска со својот прст седум пати со крвта. Потоа нека го заколе јарецот за принос за грев за народот; нека ја внесе неговата крв зад завесата и нека направи со неговата крв како што сторил со крвта од јунецот: нека попрска со неа по Капакот и пред него. И ќе го покрие од грев Светилиштето заради нечистотиите на Израелевите синови и од нивните престапи, во сите нивни гревови. А така нека направи и за Шаторот на средбата што се наоѓа среде нив, меѓу нивните нечистотии. Кога тој ќе влезе да го очистува Светилиштето, нека нема никој друг во Шаторот на средбата додека не излезе тој. Откако ќе го изврши очистувањето за себе, за својот дом и за целото Израелско општество, нека отиде кон жртвеникот што се наоѓа пред Господа и нека го очисти, па нека земе крв од јунецот и крв од јарецот и нека ја положи на роговите на жртвеникот од сите страни. Нека го попрска жртвеникот, со својот прст, од истата крв седум пати. Така ќе го очисти, и ќе го освети, од нечистотиите на Израелевите синови.“