Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Плачот 3:1-33

Плачот 3:1-33 MK2006

Јас сум човек, кој видов мака од палката на Неговиот гнев; Тој ме поведе и воведе во темнина, а не во светлина. Тој се сврте само против мене и цел ден ме биеше со раката Своја; го исцеди телото мое и кожата моја, ги здроби коските мои; ме загради и ме опколи со горчила и маки; ме постави во темно место, како одамна умрените; ме огради со ѕид, да не можам да излезам, ми направи тешки вериги; и, кога викав и пискав, ја одбиваше молитвата моја; со камења ги прегради патиштата мои, ги попречи патеките мои. Тој стана за мене како мечка во заседа, како лав на скришно место; ме истера по беспаќа и ме раскина, ме уништи; го затегна лакот Свој и ме постави како цел за стрела; ги прострела бубрезите мои со стрели од торбата Своја. Станав потсмев за сиот народ мој, негова секојдневна шега. Ме презасити со горчила, со пелин ме напои; со камен ми ги скрши забите мои, со пепел ме покри. Избега мирот од душата моја; заборавив за добри работи и реков: дотраја животот мој и надежта моја од Господ. Помисли на моето страдање и на мојата мака, за пелинот и за жолчката. Душата моја постојано се сеќава на тоа и премалува во мене. Еве што му одговорив на срцето мое и поради тоа имам надеж: по милоста на Господ не загинавме наполно, бидејќи милосрдието Негово не е пресекнато; тоа се обновува секое утро; верноста Негова е голема! Господ е дел мој, ми вели душата, па така на Него ќе се надевам. Добар е Господ кон оние, кои се надеваат на Него, кон душата, која Го бара. Добро му е на оној, кој трпеливо го очекува спасението од Господ. Добро е за човекот да го носи јаремот свој во младоста своја. Сам ќе седи и ќе молчи, бидејќи Господ му го ставил бремето врз него. Нека ја допре устата своја до земјата, можеби уште има надеж. Го подава образот свој на оној, кој бие, да трпи навреди до презаситување, бидејќи Господ не отфрла за навек. Пратил ли неволја, Тој и ќе се смилува според Својата голема милост. Зашто Тој не по волјата на Своето срце ги казнува и ги ожалостува сино­вите човечки.