Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Исус Навин 2:1-21

Исус Навин 2:1-21 MK2006

Исус, синот Навинов, тајно испрати од Ситим две момчиња и им рече: „Одете и тајно разгледајте ја земјата и градот Ерихон!“ И тие отидоа и влегоа во куќата на една блудница, по име Раав, и останаа да ноќеваат таму. Тогаш му јавија на Ерихонскиот цар: „Ете, некои луѓе од синовите Из­раелови дојдоа тука ноќеска, за да ја разгледаат земјата скришно.“ Ерихонскиот цар испрати луѓе да ѝ кажат на Раав: „Изведи ги луѓето, што влегоа во твојот дом, бидејќи дошле скришно да ја разгледаат целата земја.“ Но жената ги зеде оние две момчиња, ги сокри и рече: „Дојдоа, на­вистина, кај мене луѓе, но јас не знам од каде беа тие; кога, пак, на стемнување требаше да се затворат портите, тие излегоа; не знам каде отидоа; тргнете веднаш по нив, ќе ги стигнете.“ А самата ги одведе на покривот и ги сокри во нечешлан лен, што беше спрострен кај неа на таванот. Испратените тргнаа потоа по патот кон Јордан сѐ до самиот премин на реката, а портите се затворија веднаш кога тргна потерата. Пред да легнат да спијат, Раав се качи кај нив на покривот и им рече: „Знам дека Господ ви ја дал вам оваа земја, бидејќи ужас нѐ опфати од вас, и сите жители на оваа земја се исплашија од вас; зашто чувме дека Господ ја исуши пред вас водата во Црвеното Море кога сте доаѓале од Египет, и како сте пос­тапиле со двајца аморејски цареви од онаа страна на Јордан, Сихон и Ог, кои сте ги погубиле. Кога го чувме тоа, срцето ни се стегна и во ниеден од нас душа не ос­тана поради вас; зашто Господ, вашиот Бог, е Бог на небото и на земјата долу; И така, заколнете ми се во Господ дека, како што јас ви покажав милост, така и вие ќе бидете милостиви кон домот на мојот татко, и дајте ми верен знак: оставете ги живи во домот на татко ми и мајка ми, браќата мои и сестрите мои, и сите што се во него, и спасете ги душите наши од смрт.“ А луѓето ѝ рекоа: „Нашата душа да биде предадена на смрт наместо вашата, само да не нѐ предадеш. А кога Господ ни ја предаде оваа земја, ќе постапиме со тебе со милост и добрина.“ И таа ги спушти по јаже низ прозорецот, бидејќи куќата ѝ беше во градските ѕидини и таму таа живееше; и им рече: „Одете сега во планината, за да не ве сретнат гонителите, и кријте се таму три дена, додека да се врати потерата што тргна по вас, а потоа одете си по вашиот пат.“ А луѓето ѝ рекоа: „Ние ќе бидеме ослободени од клетвата твоја, со која нѐ заколна ако не постапиш вака: ете, кога ќе дојдеме во овој дел од градот, ова црвено јаже обеси го на прозорецот, низ кој нѐ спушти, и прибери ги во куќата кај себе твојот татко, твојата мајка и твоите браќа и целиот татков дом; и ако некој излезе надвор од вратата на твојата куќа, самиот нека си биде виновен, а ние ќе бидеме ослободени од оваа твоја клетва; а за сите што ќе бидат со тебе во куќата твоја, крвта нивна нека биде врз главите наши, ако некоја рака се допре до нив; ако, пак, некој ги открие овие наши зборови, ние исто така ќе бидеме ослободени од твојата клетва, со која нѐ заколна.“ Таа одговори: „Нека биде според зборовите ваши!“ И ги пушти, и тие си отидоа, а таа го врза за прозорецот црвеното јаже.

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност