Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Исус Навин 2:1-21

Исус Навин 2:1-21 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Исус, синот Навинов, тајно испрати од Ситим две момчиња и им рече: „Одете и тајно разгледајте ја земјата и градот Ерихон!“ И тие отидоа и влегоа во куќата на една блудница, по име Раав, и останаа да ноќеваат таму. Тогаш му јавија на Ерихонскиот цар: „Ете, некои луѓе од синовите Из­раелови дојдоа тука ноќеска, за да ја разгледаат земјата скришно.“ Ерихонскиот цар испрати луѓе да ѝ кажат на Раав: „Изведи ги луѓето, што влегоа во твојот дом, бидејќи дошле скришно да ја разгледаат целата земја.“ Но жената ги зеде оние две момчиња, ги сокри и рече: „Дојдоа, на­вистина, кај мене луѓе, но јас не знам од каде беа тие; кога, пак, на стемнување требаше да се затворат портите, тие излегоа; не знам каде отидоа; тргнете веднаш по нив, ќе ги стигнете.“ А самата ги одведе на покривот и ги сокри во нечешлан лен, што беше спрострен кај неа на таванот. Испратените тргнаа потоа по патот кон Јордан сѐ до самиот премин на реката, а портите се затворија веднаш кога тргна потерата. Пред да легнат да спијат, Раав се качи кај нив на покривот и им рече: „Знам дека Господ ви ја дал вам оваа земја, бидејќи ужас нѐ опфати од вас, и сите жители на оваа земја се исплашија од вас; зашто чувме дека Господ ја исуши пред вас водата во Црвеното Море кога сте доаѓале од Египет, и како сте пос­тапиле со двајца аморејски цареви од онаа страна на Јордан, Сихон и Ог, кои сте ги погубиле. Кога го чувме тоа, срцето ни се стегна и во ниеден од нас душа не ос­тана поради вас; зашто Господ, вашиот Бог, е Бог на небото и на земјата долу; И така, заколнете ми се во Господ дека, како што јас ви покажав милост, така и вие ќе бидете милостиви кон домот на мојот татко, и дајте ми верен знак: оставете ги живи во домот на татко ми и мајка ми, браќата мои и сестрите мои, и сите што се во него, и спасете ги душите наши од смрт.“ А луѓето ѝ рекоа: „Нашата душа да биде предадена на смрт наместо вашата, само да не нѐ предадеш. А кога Господ ни ја предаде оваа земја, ќе постапиме со тебе со милост и добрина.“ И таа ги спушти по јаже низ прозорецот, бидејќи куќата ѝ беше во градските ѕидини и таму таа живееше; и им рече: „Одете сега во планината, за да не ве сретнат гонителите, и кријте се таму три дена, додека да се врати потерата што тргна по вас, а потоа одете си по вашиот пат.“ А луѓето ѝ рекоа: „Ние ќе бидеме ослободени од клетвата твоја, со која нѐ заколна ако не постапиш вака: ете, кога ќе дојдеме во овој дел од градот, ова црвено јаже обеси го на прозорецот, низ кој нѐ спушти, и прибери ги во куќата кај себе твојот татко, твојата мајка и твоите браќа и целиот татков дом; и ако некој излезе надвор од вратата на твојата куќа, самиот нека си биде виновен, а ние ќе бидеме ослободени од оваа твоја клетва; а за сите што ќе бидат со тебе во куќата твоја, крвта нивна нека биде врз главите наши, ако некоја рака се допре до нив; ако, пак, некој ги открие овие наши зборови, ние исто така ќе бидеме ослободени од твојата клетва, со која нѐ заколна.“ Таа одговори: „Нека биде според зборовите ваши!“ И ги пушти, и тие си отидоа, а таа го врза за прозорецот црвеното јаже.

Исус Навин 2:1-21 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Исус, синот Навинов, испрати потајно од Ситим двајца согледувачи со налог: „Одите, извидете го подрачјето, особено Ерихон.“ Тие отидоа и стигнаа во куќата на блудницата, која се викаше Рава, и преноќеваа таму. Тоа му беше соопштено на ерихонскиот цар: „Еве, стигнаа ноќеска ваму некои луѓе од Израелевите синови за да ја извидат земјата.“ Тогаш ерихонскиот цар ѝ порача на Рава: „Изведи ги луѓето, кои дојдоа кај тебе, кои влегоа во твојот дом, зашто дојдоа да ја согледуваат оваа земја.“ Ама жената ги зеде оние двајца луѓе, ги скри и рече: „Вистина, тие луѓе дојдоа кај мене, ама јас не знаев од каде се. Кога во примрак беа затворувани градските врати, тие си отидоа, и јас не знам каде тргнаа. Побрзајте по нив, зашто уште можете да ги стигнете.“ А таа ги беше извела на покривот и ги скрила под нетриениот лен, што го имаше распрострено таму. И луѓето поитаа во потера по нив, кон Јордан, сѐ до бродот преку реката; а кога потерата излезе, градската врата се затвори зад нив. Додека тие горе уште не беа заспани, Рава се качи кај нив на покривот и им рече: „Знам дека Господ ви ја даде оваа земја, зашто сите нас нѐ фати страв од вас, и сите жители на овој крај се плашат од вас. Зашто чувме како Господ го исуши Црвеното Море пред вас, кога излеговте од Египет, и за она што им направивте на двата аморејски цара од другата страна на Јордан, на Сион и Ог, што ги погубивте. Кога го чувме сѐ тоа, ни застана срцето, и никој да собере сила за да ви се спротиви, зашто Господ, вашиот Бог - Тој е Бог горе на небесата и долу на земјата. Заколнете ми се, имено, во Господа дека и вие ќе му направите милост на домот на мојот татко, како што и јас ви направив милост вам, и дајте ми веродостоен знак дека ќе ги оставите во живот мојот татко и мојата мајка, моите браќа и моите сестри, и сѐ нивно, и дека ќе нѐ избавите од смртта.“ Луѓето ѝ одговорија: „Со своите животи емчиме за вас, само ако не нѐ предадете. Кога Господ ќе ни ја даде земјата, ќе ти искажеме милост и верност.“ Потоа Рава ги спушти по јаже низ прозорецот, зашто куќата ѝ беше покрај градскиот ѕид, и таа живееше до ѕидот. Уште им рече: „Тргнете кон гората, за да не ве најде потерата, и кријте се таму три дена додека не се вратат потерците, а тогаш одете си по својот пат.“ Луѓето ѝ одговорија: „Еве, вака ќе бидеме слободни од твојата заклетва со која нѐ заколна: кога ќе влеземе во земјата, послужи се со овој знак: врзи ја оваа црвена врвца за прозорецот, низ кој нѐ спушташ, и собери ги при себе, во куќата, својот татко и својата мајка, и своите браќа, и сите свои роднини. Секој од вас кој ќе стапи надвор, преку прагот на твојата куќа, неговата крв на негова глава: вината не ќе биде на нас - сам е виновник за својата смрт; а кој ќе остане со тебе во куќата, неговата крв нека падне на нашите глави - ние ќе бидеме виновни ако некој го допре со рака. Ако пак ја предадеш оваа наша работа, ќе бидеме слободни од заклетвата со која што нѐ заколна.“ А таа одговори: „Нека биде како што рековте!“ Тогаш ги пушти, и тие си отидоа, а таа ја заврза за прозорецот црвената врвца.