Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Исус Навин 10:1-15

Исус Навин 10:1-15 MK2006

Кога ерусалимскиот цар Адони-Седек слушна дека Исус го презел Гај и го фрлил во проклетство, и дека постапил со Гај и со царот негов така, како што постапил со Ерихон и царот негов, и дека Гава­он­ците склу­чиле мир и со Израел и жи­вееја меѓу нив, тој многу се уплаши, бидејќи Гаваон беше голем град, како еден од царските градови, и поголем од Гај, и сите жители негови беа храбри луѓе. Поради тоа ерусалимскиот цар Адони-Седек испрати пратеници кај хевронскиот цар Хомам, и кај Пирам, царот јармутски, и кај Јафија, царот лахишки, и кај Давир, царот еглонски, да им кажат: „Дојдете кај мене и помогнете ми да го нападнеме Гаваон, затоа што склучи мир со Исус и со синовите Израелови.“ Тие се собраа и отидоа петмина аморејски цареви: ерусалимскиот цар, хевронскиот цар, јармутскиот цар, лахишкиот цар, еглонскиот цар, тие и целиот нивен народ, и го опседнаа Гаваон и почнаа да војуваат против него. Гаваонците испратија до Исус во логорот во Гилгал, да кажат: „Не кревај раце од твоите слуги; дојди поскоро кај нас, избави нѐ и помогни ни; зашто против нас се собрани сите аморејски цареви, што живеат во планините.“ Исус тргна од Гилгал, тој и со него сите способни за војна, и сите храбри мажи. Тогаш Господ му рече на Исус: „Не плаши се од нив, зашто Јас ги предадов во твои раце: никој од нив нема да остане пред тебе.“ И ги нападна Исус ненадејно, откако целата ноќ беше одел од Гилгал. Господ ги доведе во забуна од Из­раелците, и тие им зададоа тежок удар во Гаваон, ги гонеа по патот кон Веторон и ги напаѓаа сѐ до Азека и до Македа. А кога бегаа од Израелците по па­дините на Веторонската планина, Гос­под фрлаше врз нив од небото големи камења до самиот град Азека, и тие гинеа: бројот на погинатите од камењата беше поголем, отколку на оние, што синовите Израелови ги убија со меч во борбата. Тогаш Исус Му рече на Господ пред Израелците во оној ден, во кој Господ Бог ги предаде Аморејците во рацете на Израел: „Запри се, сонце, над Гаваон, и ти, месечино, над долината Ајалон!“ И сонцето застана, и месечината стоеше, додека Бог им се одмаздуваше на нивните непријатели, како што е тоа запишано во Книгата на Праведниот: „Сонцето застана на небото и не брзаше да зајде скоро цел ден.“ Ни порано ни подоцна немало та­ков ден како оној, во кој Господ така послушал човечки глас. Зашто Господ војуваше за Израел. Потоа Исус и целиот Израел со него се вратија во логорот во Гилгал.