Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Јован 18:1-40

Јован 18:1-40 MK2006

И штом го рече ова, Исус отиде со учениците Свои преку пото­кот Кедрон, каде што имаше градина, и во неа влезе Тој и учениците Негови. А тоа место го знаеше и Јуда, кој сакаше да Го предаде, зашто Исус често се собираше со учениците Свои таму. Тогаш Јуда, откако зеде една чета војници и слуги од првосвештениците и фарисеите, дојде таму со фенери, со светила и со оружје. А Исус, знаејќи сѐ што ќе стане со Него, излезе и им рече: „Кого барате?“ Му одговорија: „Исус од Назарет!“ Исус им рече: „Јас сум.“ Со нив стоеше и Јуда, кој Го предаде. А кога им рече: „Јас сум“ – тие се повлекоа назад и паднаа на земјата. Тогаш пак ги праша: „Кого барате?“ А тие рекоа: „Исус од Назарет!“ Исус одговори: „Ви реков дека сум Јас; па, ако Ме барате Мене, оставете ги овие да си одат;“ за да се изврши словото кажано од Него: „Од оние што си Ми ги дал, никого не загубив.“ А Симон Петар, кој имаше нож, го извади, го удри слугата на прво­свеш­те­никот и му го отсече десното уво. Име­то на слугата му беше Малх. Но Исус му рече на Петар: „Стави го ножот во ножницата. Зар да не ја ис­пијам чашата што Ми ја даде Отецот?“ Тогаш четата и заповедникот, и слугите јудејски, Го фатија Исус и Го врзаа. И Го одведоа најнапред кај Ана, зашто тој беше дедо на Кајафа, кој во таа година беше првосвештеник. А Кајафа беше оној што ги посоветува Јудејците дека подобро е да умре еден човек за народот. По Исус одеше Симон Петар и еден друг ученик. Тој ученик му беше познат на првосвештеникот, па влезе со Исус во дворот на првосвештеникот. А Петар стоеше надвор, покрај портата. Другиот, пак, ученик, што му беше познат на првосвештеникот, изле­зе, ѝ рече на вратарката и го воведе Петар. Тогаш слугинката вратарка му рече на Петар: „Да не си и ти од учениците на Овој Човек?“ Тој рече: „Не сум.“ А слугите и стражарите беа за­па­ли­ле оган и стоеја, па се грееја, зашто бе­ше студено. Со нив стоеше и Петар и се грееше. Првосвештеникот, пак, Го праша Исус за учениците Негови и за Не­го­вото учење. Исус му одговори: „Јас му зборував на светот јавно; Јас секогаш поучував по синагогите и во храмот, каде што секојпат се собираат Јудејците, и тајно ништо не сум зборувал. Зошто Ме прашуваш Мене? Пра­шај ги оние кои слушале што сум зборувал; тие знаат што сум говорел.“ Кога Тој го рече тоа, еден од слу­ги­те, кој стоеше близу, Го удри Исус по образ и рече: „Така ли му одговараш на првосвештеникот?“ Исус му одговори: „Ако реков неш­то лошо, докажи го лошото; ако ли, пак, добро – зошто Ме удираш?“ Тогаш Ана Го прати врзан кај прво­свештеникот Кајафа. А Симон Петар стоеше и се гре­еше. И му рекоа: „Да не си и ти од уче­ниците Негови?“ Тој порекна и рече: „Не сум.“ Еден од слугите на прво­свеш­те­ни­кот, што му беше роднина на оној кому Петар му го беше отсекол увото, рече: „Нели те видов и тебе во градината со Него?“ А Петар пак порекна; и веднаш за­пеа петел. И Го поведоа Исус од Кајафа во преторијата. Но беше утро, и тие не влегоа во неа, за да не се осквернат, за да можат да ја јадат Пасхата. Тогаш излезе Пилат пред нив и ре­че: „За што Го обвинувате Овој Човек?“ Одговорија и му рекоа: „Ако Тој не беше злосторник, немаше да ти Го предадеме!“ А Пилат им рече: „Земете Го вие и судете Му според вашиот закон!“ Ју­деј­ците му рекоа: „Нам не ни е дозволено да погубуваме никого“, за да се исполни зборот Исусов, што го рече, кажувајќи со каква смрт ќе умре. Тогаш Пилат влезе во судницата, па Го повика Исус и Му рече: „Ти ли си Царот Јудејски?“ Исус му одговори: „Сам ли го збо­руваш тоа или други ти кажаа за Ме­не?“ Пилат одговори: „Та јас Јудеец ли сум? Твојот народ и првосвештениците Те предадоа на мене. Што си направил?“ Исус одговори: „Моето царство не е од овој свет; ако беше царството Мое од овој свет, тогаш Моите слуги би Ме бранеле, за да не им бидам предаден на Јудејците; но царството Мое сега не е овде.“ А Пилат Му рече: „Ти, пак, Цар ли си?“ Исус одговори: „Ти велиш дека сум Цар. Јас за тоа се родив и за тоа дојдов на светот, за да сведочам за вистината; секој, кој е од вистината, го слуша гласот Мој.“ Пилат Го праша: „Што е тоа вистина?“ И кога го рече ова, излезе пак кај Јудејците и им рече: „Јас не наоѓам ни­каква вина во Него. Но кај вас е обичај да ви пуштам по еден за Пасха. Сакате ли да ви Го пуш­там Царот Јудејски?“ И пак повикаа сите, велејќи: „Не Овој, туку Варава.“ Варава, пак, беше разбојник.

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност