Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Јован 18:1-40

Јован 18:1-40 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Откако заврши со молитвата, Исус отиде со Своите ученици од другата страна на сезонскиот поток Кидрон, каде што имаше една овошна градина. Тој и Неговите ученици влегоа во неа. А предавникот Јуда го знаеше тоа место, зашто Исус и Неговите ученици често се собираа таму. Тогаш дојде и Јуда, предводејќи еден одред војници и гардисти на храмот, испратени од свештеничките поглавари и од фарисеите. Тие беа вооружени, а носеа и факли и фенери. Иако знаеше што се мора да Му се случи, Исус излезе и ги праша: „Кого барате?“ Тие Му одговорија: „Исусa од Назарет!“ “Јас сум Тој“ - им рече Исус. Таму, со групата, стоеше и предавникот Јуда. Кога Исус им рече, „Јас сум Тој“ - тие се повлекоа и испопаѓаа по земјата. Тогаш Исус повторно ги праша: „Кого барате?“ “Исусa од Назарет“ - повторија тие. Исус им одговори: „Ви реков дека Јас сум Тој. Штом Мене Ме барате, пуштете ги овие луѓе да си одат!“ Тој го направи ова за да се исполнат зборовите што ги рече: „Не загубив ниту еден од оние што Ми ги даде.“ Тогаш Симон Петар, кој имаше меч, го извлече и го удри слугата на Првосвештеникот, отсекувајќи му го десното уво. Името на слугата му беше Малхус. Исус му заповеда на Петар: „Врати го мечот во канијата! Зар да не ја испијам чашата што Ми ја даде Таткото?“ Тогаш римскиот заповедник, со својот одред и со гардистите на храмот, Го уапси Исуса. Го врзаа и Го одведоа најнапред кај Анан, кој му беше дедо на Кајафа, Првосвештеникот за таа година. Тоа беше истиот оној Кајафа што ги посоветува Евреите дека е подобро еден човек да умре за народот. Симон Петар и еден друг ученик одеа по Исус. Тој ученик се познаваше со Првосвештеникот, па влезе заедно со Исус во дворот на Првосвештеникот, а Петар остана надвор, пред влезот. Тогаш другиот ученик, кој се познаваше со Првосвештеникот, излезе и откако зборуваше со вратарката, го внесе и Петар внатре. А вратарката му рече на Петар: „Да не си и ти еден од учениците на Овој човек?“ „Не сум!“ - и одговори тој. Беше студено, па слугите и гардистите стоеја околу огнот што го запалија и се грееја. И Петар дојде кај нив, за да се стопли. Во меѓувреме, Првосвештеникот Го испрашуваше Исуса за Неговите ученици и за Неговото учење. „Јас отворено му зборував на светот“ - му одговори Исус. „Секогаш поучував во синагога или во храмот, каде што сите Евреи се собираат. Ништо не сум зборувал во тајност. Зошто ме прашуваш Мене, што сум им зборувал? Прашај ги оние што Ме слушаа! Тие знаат што зборував!“ Штом го рече тоа, еден од гардистите, кој стоеше во близина, Му удри шлаканица на Исус, велејќи: „Така ли се одговара на Првосвештеник!?“ Исус му одговори: „Ако реков нешто лошо, кажи што е тоа, а ако ја кажав вистината, зошто Ме удираш?“ Тогаш Анан Го испрати Исуса врзан кај Првосвештеникот Кајафа. Додека Симон Петар се уште стоеше таму и се грееше, некој го праша: „Да не си и ти еден од учениците на Оној човек?“ Петар вторпат одрече, велејќи: „Не сум!“ Еден од слугите на Првосвештеникот, кој му беше роднина на Малхус, на кого Петар му го отсече увото, рече: „Зар не те видов и тебе во градината со Оној човек?“ Петар третпат одрече и во тој момент запеа петел. Беше рано наутро кога Го одведоа Исуса откај Кајафа до палатата на гувернерот. Евреите не влегоа во палатата, зашто секаква близина со неевреи би ги опоганила, и тие не би можеле да ја јадат Пасхалната вечера. Пилат излезе кај нив и ги праша: „Какво обвинение поднесувате против Овој човек?“ Тие му одговорија: „Да не беше Овој човек злосторник, зар ќе ти го доведовме!?“ Но Пилат им рече: „Земете Го и судете Му според вашиот Закон!“ „Нам не ни е дозволено да извршуваме смртна пресуда над никого“ - му рекоа Евреите. Така започна да се исполнува она што го рече Исус за начинот на кој Тој ќе умре. Тогаш Пилат се врати во палатата, Го повика Исуса, и Го праша: „Ти ли си царот на Евреите?“ Исус одговори: „Од тебе ли потекнува ова прашање, или други ти кажувале за Мене?“ „Зар сум јас Евреин?“ - одговори Пилат. „Твојот народ и свештеничките поглавари Те предадоа кај мене. Што си сторил?“ Исус одговори: „Моето царство не е од овој свет. Да беше Моето царство од овој свет, Моите следбеници ќе се бореа да не им паднам во рацете на еврејските верски водачи. Не, Моето царство не е одовде.“ Тогаш Пилат Му рече: „Значи, сепак Ти си цар!?“ „Ти рече дека сум цар“ - одговори Исус. „Јас се родив и дојдов на светот за да бидам сведок за вистината. Секој што ја сака вистината, ќе познае дека ја зборувам вистината и ќе Ме слуша.“ Пилат Го праша Исуса: „Што е тоа вистина?“ Штом го рече тоа, повторно излезе кај Евреите и им рече: „Јас не наоѓам никаква вина кај Него. Но, кај вас постои обичај секоја година да барате да ви ослободам по еден затвореник за време на Пасхата. Сакате ли да ви Го ослободам царот на Евреите?“ Тие му одговорија со викотница: „Не Него, туку Бараба!“ А Бараба беше бунтовник и убиец, кој се наоѓаше в затвор.

Јован 18:1-40 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

И штом го рече ова, Исус отиде со учениците Свои преку пото­кот Кедрон, каде што имаше градина, и во неа влезе Тој и учениците Негови. А тоа место го знаеше и Јуда, кој сакаше да Го предаде, зашто Исус често се собираше со учениците Свои таму. Тогаш Јуда, откако зеде една чета војници и слуги од првосвештениците и фарисеите, дојде таму со фенери, со светила и со оружје. А Исус, знаејќи сѐ што ќе стане со Него, излезе и им рече: „Кого барате?“ Му одговорија: „Исус од Назарет!“ Исус им рече: „Јас сум.“ Со нив стоеше и Јуда, кој Го предаде. А кога им рече: „Јас сум“ – тие се повлекоа назад и паднаа на земјата. Тогаш пак ги праша: „Кого барате?“ А тие рекоа: „Исус од Назарет!“ Исус одговори: „Ви реков дека сум Јас; па, ако Ме барате Мене, оставете ги овие да си одат;“ за да се изврши словото кажано од Него: „Од оние што си Ми ги дал, никого не загубив.“ А Симон Петар, кој имаше нож, го извади, го удри слугата на прво­свеш­те­никот и му го отсече десното уво. Име­то на слугата му беше Малх. Но Исус му рече на Петар: „Стави го ножот во ножницата. Зар да не ја ис­пијам чашата што Ми ја даде Отецот?“ Тогаш четата и заповедникот, и слугите јудејски, Го фатија Исус и Го врзаа. И Го одведоа најнапред кај Ана, зашто тој беше дедо на Кајафа, кој во таа година беше првосвештеник. А Кајафа беше оној што ги посоветува Јудејците дека подобро е да умре еден човек за народот. По Исус одеше Симон Петар и еден друг ученик. Тој ученик му беше познат на првосвештеникот, па влезе со Исус во дворот на првосвештеникот. А Петар стоеше надвор, покрај портата. Другиот, пак, ученик, што му беше познат на првосвештеникот, изле­зе, ѝ рече на вратарката и го воведе Петар. Тогаш слугинката вратарка му рече на Петар: „Да не си и ти од учениците на Овој Човек?“ Тој рече: „Не сум.“ А слугите и стражарите беа за­па­ли­ле оган и стоеја, па се грееја, зашто бе­ше студено. Со нив стоеше и Петар и се грееше. Првосвештеникот, пак, Го праша Исус за учениците Негови и за Не­го­вото учење. Исус му одговори: „Јас му зборував на светот јавно; Јас секогаш поучував по синагогите и во храмот, каде што секојпат се собираат Јудејците, и тајно ништо не сум зборувал. Зошто Ме прашуваш Мене? Пра­шај ги оние кои слушале што сум зборувал; тие знаат што сум говорел.“ Кога Тој го рече тоа, еден од слу­ги­те, кој стоеше близу, Го удри Исус по образ и рече: „Така ли му одговараш на првосвештеникот?“ Исус му одговори: „Ако реков неш­то лошо, докажи го лошото; ако ли, пак, добро – зошто Ме удираш?“ Тогаш Ана Го прати врзан кај прво­свештеникот Кајафа. А Симон Петар стоеше и се гре­еше. И му рекоа: „Да не си и ти од уче­ниците Негови?“ Тој порекна и рече: „Не сум.“ Еден од слугите на прво­свеш­те­ни­кот, што му беше роднина на оној кому Петар му го беше отсекол увото, рече: „Нели те видов и тебе во градината со Него?“ А Петар пак порекна; и веднаш за­пеа петел. И Го поведоа Исус од Кајафа во преторијата. Но беше утро, и тие не влегоа во неа, за да не се осквернат, за да можат да ја јадат Пасхата. Тогаш излезе Пилат пред нив и ре­че: „За што Го обвинувате Овој Човек?“ Одговорија и му рекоа: „Ако Тој не беше злосторник, немаше да ти Го предадеме!“ А Пилат им рече: „Земете Го вие и судете Му според вашиот закон!“ Ју­деј­ците му рекоа: „Нам не ни е дозволено да погубуваме никого“, за да се исполни зборот Исусов, што го рече, кажувајќи со каква смрт ќе умре. Тогаш Пилат влезе во судницата, па Го повика Исус и Му рече: „Ти ли си Царот Јудејски?“ Исус му одговори: „Сам ли го збо­руваш тоа или други ти кажаа за Ме­не?“ Пилат одговори: „Та јас Јудеец ли сум? Твојот народ и првосвештениците Те предадоа на мене. Што си направил?“ Исус одговори: „Моето царство не е од овој свет; ако беше царството Мое од овој свет, тогаш Моите слуги би Ме бранеле, за да не им бидам предаден на Јудејците; но царството Мое сега не е овде.“ А Пилат Му рече: „Ти, пак, Цар ли си?“ Исус одговори: „Ти велиш дека сум Цар. Јас за тоа се родив и за тоа дојдов на светот, за да сведочам за вистината; секој, кој е од вистината, го слуша гласот Мој.“ Пилат Го праша: „Што е тоа вистина?“ И кога го рече ова, излезе пак кај Јудејците и им рече: „Јас не наоѓам ни­каква вина во Него. Но кај вас е обичај да ви пуштам по еден за Пасха. Сакате ли да ви Го пуш­там Царот Јудејски?“ И пак повикаа сите, велејќи: „Не Овој, туку Варава.“ Варава, пак, беше разбојник.

Јован 18:1-40 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Штом го рече тоа, Исус излезе со Своите ученици преку потокот Кедрон, каде има-ше градина, во која влезе со Своите ученици. А Јуда, Неговиот предавник, го знаеше тоа место, зашто Исус често се состануваше со Своите ученици таму. Тогаш Јуда зеде чета и служители од првосвештениците и од фарисеите, и дојде таму со светилки, факли и оружје. А Исус, знаејќи сѐ што ќе стане со Него, истапи и им рече: „Кого го барате?“ Му одговорија: „Исуса Назареецот.“ Исус им рече: „Јас Сум.“ А со нив стоеше и Јуда, Неговиот предавник. А кога им рече: „Јас Сум“, се тргнаа назад и паднаа на земјата. Тогаш пак ги праша: „Кого го барате?“ А тие рекоа: „Исуса Назареецот!“ Исус им одговори: „Ви реков дека Сум Јас; и така, ако Ме барате Мене, пуштете ги овие да си одат!“ За да се исполни словото, што го рече: „Не изгубив ни еден од оние, кои си Ми ги дал.“ А Симон Петар имаше меч, го извлече, го удри слугата на првосвештеникот и му го отсече десното уво; а името на слугата му беше Малх. Тогаш Исус му рече на Петра: „Стави го мечот во ножницата! Зар да не ја пијам чашата, што ми ја даде Мојот Татко?“ Тогаш четата, заповедникот и јудејските слуги Го фатија Исуса и Го врзаа, и Го одведоа првин при Ана; имено, тој му беше тест на Кајафа, кој беше првосвештеник во онаа година. А Кајафа беше оној, кој ги посоветува Јудејците, дека е подобро да умре еден човек за народот. По Исуса одеа: Симон Петар и еден друг ученик. Ученикот му беше познат на првосвештеникот, и влезе со Исуса во првосвештениковиот двор. А Петар стоеше надвор, пред вратата. Тогаш другиот ученик, кој му беше познат на првосвештеникот, излезе, проговори со вратарката и го воведе Петра. Тогаш слугинката, вратарка, му рече на Петра: „Да не си и ти еден од учениците на Човеков?“ Тој рече: „Не сум.“ А слугите и служи-телите беа запалиле оган и стоеја, и се грееја, зашто беше студено; и Петар стоеше со нив и се грееше. Првосвештеникот пак Го праша Исуса за Неговите ученици и за Неговата наука. Исус му одго-вори: „Јас му зборував на светот јавно; секогаш поучував во синагогите и во Храмот, каде се собираат сите Јудејци, и ништо не говорев тајно. Зошто Ме прашуваш Мене? Прашај ги оние, кои чуја, што Сум им зборувал тие знаат што Сум говорел.“ Кога го рече тоа, еден од присутните службеници Го удри Исуса по образ и рече: „Така ли му одговараш на прво-свештеникот?“ Исус му одго-вори: „Ако реков лошо, докажи дека е лошо; а ако реков добро, зошто Ме удираш?“ Тогаш Ана Го прати врзан при првосвеште-никот Кајафа. А Симон Петар стоеше таму и се грееше. И му рекоа: „Да не си и ти од Неговите ученици?“ Тој одрече: „Не сум.“ Еден од слугите на првосвештеникот, роднина на оној, кому Петар му го отсече увото, рече: „Нели јас те видов во градината со Него?“ Но Петар одрече повторно, и веднаш запеа петел. Тогаш го одведоа Исуса од Кајафа во преторијата; а беше утро; и тие не влегоа во преторијата, за да не се осквернат, туку да можат да ја јадат Пасхата. Затоа Пилат излезе пред нив и рече: „Какво обвинение поднесувате против Човеков?“ Во одговор му рекоа: „Ако Овој не беше злодеец, немаше да ти Го предадеме.“ А Пилат им рече: „Земете Го и судете Му според вашиот Закон.“ Јудејците му рекоа: „Нам не ни е дозволено да убиеме некого,“ - за да се исполни Исусовиот збор, со кого навести со каква смрт ќе умре. Потоа Пилат се врати во преторијата, Го повика Исуса и Му рече: „Ти ли си Јудејскиот Цар?“ Исус одговори: „Го зборуваш ли тоа сам од себе, или други ти кажаа за Мене?“ Пилат одго-вори: „Јудеец ли сум јас? Твојот народ и првосвештениците Те предадоа на мене. Што си сторил?“ Исус одговори: „Моето Царство не е од светов; ако Моето Царство беше од овој свет, Моите воини би се бореле да не им бидам предаден на Јудејците; но Моето Царство не е оттука.“ Пилат на тоа му рече: „Сепак си Цар?“ Исус одговори: „Ти велиш дека Сум Цар. Јас се родив за тоа и за тоа дојдов на светот, за да сведочам за вистината. Секој - кој е од вистината - го слуша Мојот глас.“ Пилат Му рече: „Што е вистина?“ Штом го рече тоа, излезе пак при Јудејците и им рече: „Јас не наоѓам никаква вина во Него. А при вас е обичај да ви пуштам по еден на Пасхата. И така, сакате ли да ви Го пуштам Јудејскиот Цар?“ Тогаш повто-рно извикаа, велејќи: „Не Овој, туку Варава!“ А Варава беше разбојник.

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност