Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Јован 13:18-38

Јован 13:18-38 MK2006

Не го кажувам ова за сите вас, зашто Јас ги знам оние што ги избрав. Но нека се исполни Писмото: ‚Кој јаде леб со Мене, ја подигна петата своја против Мене.‘ Отсега ви кажувам, уште пред да се изврши, та кога ќе се изврши, да по­ве­рувате дека сум Јас. Вистина, вистина ви велам: кој го прими оној што го праќам Јас, Мене Ме прима, а кој Ме прима Мене, Го прима Оној што Ме прати.“ Штом го рече ова, Исус, потресен во духот, посведочи и рече: „Вистина, вистина ви зборувам дека еден од вас ќе Ме предаде.“ Тогаш учениците почнаа да се пог­леднуваат еден со друг, не разбирајќи за кого зборува. А еден од учениците, кого Исус го сакаше, беше се навалил на градите Исусови. Нему му даде знак Симон Петар да праша кој ли ќе е тој за кого што го­вори. Тој, пак, се навали на градите Ису­сови и Му рече: „Кој е Господи?“ Исус одговори: „Оној е, на кого Јас ќе му натопам залак и ќе му го по­да­дам.“ И кога натопи залак, му го подаде на Јуда Симонов Искариот. И тогаш, по залакот, сатаната влезе во него. А Исус му рече: „Што ќе пра­виш, прави побргу!“ А никој од оние што седеа на тр­пе­зата не разбраа зошто му го рече тоа. Но, бидејќи Јуда го чуваше ков­че­жето, некои помислија дека Исус му ре­че: „Купи што ни треба за празникот!“ или да раздаде нешто на сиромасите. А тој, штом го зеде залакот, веднаш излезе. А беше ноќ. Кога тој излезе, Исус рече: „Сега се прослави Синот Човечки и Бог се прослави во Него. Ако Бог се прослави во Него, и Не­го Бог ќе Го прослави во Себе, и наскоро ќе Го прослави. Чеда, уште малку сум со вас. Ќе Ме барате и, како што им реков на Ју­деј­ци­те дека каде што одам Јас вие не може­те да дојдете, и вам ви велам сега. Нова заповед ви давам: да се љубите еден со друг; како Јас што ве возљубив, така и вие да се љубите еден со друг. По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов меѓу се­бе.“ Симон Петар Му рече: „Господи, каде одиш?“ Исус му одговори: „Каде што Јас одам, ти не можеш сега да дој­деш по Мене, но подоцна ќе дојдеш по Мене.“ Петар Му рече: „Господи, зошто не можам да одам по Тебе сега? Животот свој ќе го положам за Тебе.“ Исус му одговори: „Животот ли ќе го положиш за Мене? Вистина, вистина ти велам: нема петел да запее, додека ти трипати не се одречеш од Мене!“