Исус, пак, им одговори, велејќи: „Дојде часот да се прослави Синот Човечки. Вистина, вистина ви велам: ако зрното пченично, што паднало на земја, не умре, останува само; а ако умре – ќе донесе голем плод. Кој го сака животот свој, ќе го загуби; а кој го мрази животот свој на овој свет, ќе го запази за вечен живот. Кој Ми служи Мене, нека врви по Мене, и каде што сум Јас, таму ќе биде и Мојот слуга. И кој Ми служи Мене, него ќе го уважува и Мојот Отец.
Душата сега Ми се нажали, и што да кажам? Оче, избави Ме од овој час! Но, заради тоа и дојдов за овој час. Оче, прослави го името Свое!“ Тогаш дојде глас од небото: „И Го прославив, и пак ќе Го прославам.“ А народот што стоеше, кога го чу тоа, велеше: „Загрми!“, други, пак, рекоа: „Ангел Му проговори!“ Исус одговори и рече: „Овој глас не беше заради Мене, туку заради вас. Сега е судот на овој свет; сега кнезот на овој свет ќе биде исфрлен надвор. И кога Јас ќе бидам издигнат од земјата, сите ќе ги привлечам кон Себе.“