Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Јован 12:23-32

Јован 12:23-32 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Исус, пак, им одговори, велејќи: „Дојде часот да се прослави Синот Чо­вечки. Вистина, вистина ви велам: ако зрното пченично, што паднало на земја, не умре, останува само; а ако умре – ќе донесе голем плод. Кој го сака животот свој, ќе го загуби; а кој го мрази животот свој на овој свет, ќе го запази за вечен живот. Кој Ми служи Мене, нека врви по Мене, и каде што сум Јас, таму ќе биде и Мојот слуга. И кој Ми служи Мене, него ќе го уважува и Мојот Отец. Душата сега Ми се нажали, и што да кажам? Оче, избави Ме од овој час! Но, заради тоа и дојдов за овој час. Оче, прослави го името Свое!“ То­гаш дојде глас од небото: „И Го прославив, и пак ќе Го прославам.“ А народот што стоеше, кога го чу тоа, велеше: „Загрми!“, други, пак, ре­коа: „Ангел Му проговори!“ Исус одговори и рече: „Овој глас не беше заради Мене, туку заради вас. Сега е судот на овој свет; сега кнезот на овој свет ќе биде исфрлен надвор. И кога Јас ќе бидам издигнат од земјата, сите ќе ги привлечам кон Се­бе.“

Јован 12:23-32 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Тогаш Исус им одговори: „Дојде време Синот Човечки да влезе во Својата слава. Ве уверувам дека, доколку пченичното зрно не падне во земјата и не умре, тоа ќе остане само едно зрно. Ако, пак, умре, тоа ќе произведе многу нови зрна. Човек што себично сака да си го задржи животот, ќе го загуби, а оној што мрази да го живее својот живот само на овој свет, ќе добие вечен живот. Кој сака да Ми служи, тој мора да Ми се придружи, зашто и Мојот слуга треба да биде таму каде што сум Јас. А секој што Мене Ми служи, ќе биде почитуван од Мојот небесен Татко.“ „Сега душата Ми е длабоко потресена, но што да кажам? Зар да се молам: ,Татко, поштеди Ме од ова што Ме очекува?‘ Па токму за таа цел дојдов на овој свет! Татко, прослави го Своето име!“ Тогаш се чу глас од небото: „Веќе Го прославив и одново ќе го прославам!“ Многубројниот народ што стоеше и го слушна гласот, велеше: „Загрме!“ Други велеа: „Ангел Му проговори!“ Исус им одговори: „Овој глас не се јави заради Мене, туку заради вас. Сега е време за суд над овој свет. Владетелот на овој свет сега ќе биде соборен. А кога Јас ќе бидам подигнат над земјата - ќе ги привлечам сите кон Себе.“

Јован 12:23-32 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

А Исус им одговори: „Дојде часот да се прослави Човечкиот Син. Вистина, вистина ви велам, ако пченичното зрно не падне во земјата и не умре, останува само; а ако умре, донесува многу плод. Кој го љуби својот живот, ќе го изгуби, а кој го мрази својот живот на овој свет - ќе го запази за вечен живот. Ако некој Ми служи Мене - нека Ме следи; каде Сум Јас, таму ќе биде и Мојот слуга. Ако некој Ми служи Мене; Мојот Татко ќе го почитува него.“ Сега, Мојата душа е вознемирена, и што да кажам? Татко, избави Ме од овој час! - Но, заради тоа и дојдов до овој час! Татко, прослави го Твоето име! Тогаш дојде глас од небото: „Го прославив и пак ќе го прославам.“ А народот, кој стоеше и го чу, рече: „Загрми!“- а други рекоа: „Ангел Му говори!“ Исус во одговор рече: „Овој глас не дојде заради Мене, туку заради вас. Сега е судот на овој свет. Сега кнезот на светов ќе биде исфрлен надвор! А Јас - кога ќе бидам издигнат од земјата - ќе ги привлечам сите кон Себе.“