Тогаш Исус пак им рече: „Вистина, вистина ви велам: Јас сум вратата за овците. Сите, колку што дојдоа пред Мене, крадци се и разбојници; но овците не ги послушаа. Јас сум вратата: кој ќе влезе преку Мене, ќе се спаси; и ќе влезе, и ќе излезе, и пасиште ќе најде. Крадецот доаѓа само да украде, да убие и да погуби. Јас дојдов за да имаат живот и да го имаат во изобилие. Јас сум добриот Пастир. Добриот пастир си ја полага својата душа за овците; а наемникот, кој не е пастир и не е сопственик на овците, ако види дека доаѓа волк, ги остава овците и бега; и волкот ги разграбува и ги распрснува овците. Наемникот бега, зашто е наемник, и не се грижи за овците. Јас сум добриот Пастир; и ги знам Моите, и Моите Ме знаат Мене. Како Мене што Ме познава Отецот, така и Јас Го познавам Отецот; и душата Своја ја полагам за овците Свои. И други овци имам, што не се од ова трло, и нив треба да ги приберам; и ќе го чујат гласот Мој и ќе биде едно стадо и еден пастир. Затоа Ме љуби Отецот, зашто Јас животот Свој си го полагам за да го примам пак. Никој не Ми го одзема, туку Јас Сам од Себе го давам. Имам власт да го дадам и власт имам пак да си го земам. Оваа заповед ја примив од Својот Отец.“ И пак настана расправија меѓу Јудејците заради овие зборови. Мнозина од нив велеа: „Зол дух има и не е при Себе. Зошто Го слушате?“ Други велеа: „Ова не се зборови на луд човек; може ли луд човек на слеп да му отвори очи?“
А беше тогаш во Ерусалим празникот Обновување на храмот и беше зима. Одеше Исус во храмот, по тремот Соломонов. А Јудејците Го опколија и Му рекоа: „До кога ќе ги мачиш нашите души? Ако си Ти Христос, кажи ни отворено!“ Исус им одговори: „Ви реков, и не верувате. Делата што ги вршам Јас во името на Мојот Отец, тие сведочат за Мене. Но вие не верувате, бидејќи не сте од Моите овци, како што ви реков. Моите овци го слушаат Мојот глас и Јас ги познавам; и тие одат по Мене, и Јас ќе им дадам вечен живот; и никогаш нема да загинат; и никој не ќе ги истргне од раката Моја. Мојот Отец, што Ми ги даде, е поголем од сите; и никој не може да ги грабне од раката на Мојот Отец. Јас и Отецот сме едно.“