„Вистина, вистина ви велам: кој не влегува низ вратата во овчото трло, а прескокнува од друга страна, крадец е и разбојник; а кој влегува низ вратата, пастир е на овците; нему вратарот му отвора и овците го слушаат гласот негов, тој ги вика своите овци по име и ги изведува. И кога ќе ги изведе овците свои, оди пред нив, овците одат по него, бидејќи го познаваат гласот негов; а по туѓ човек не одат, туку бегаат од него, зашто гласот на туѓиот не го познаваат.“ Оваа парабола им ја кажа Исус, но тие не разбраа што сакаше да им каже со неа. Тогаш Исус пак им рече: „Вистина, вистина ви велам: Јас сум вратата за овците. Сите, колку што дојдоа пред Мене, крадци се и разбојници; но овците не ги послушаа. Јас сум вратата: кој ќе влезе преку Мене, ќе се спаси; и ќе влезе, и ќе излезе, и пасиште ќе најде. Крадецот доаѓа само да украде, да убие и да погуби. Јас дојдов за да имаат живот и да го имаат во изобилие. Јас сум добриот Пастир. Добриот пастир си ја полага својата душа за овците; а наемникот, кој не е пастир и не е сопственик на овците, ако види дека доаѓа волк, ги остава овците и бега; и волкот ги разграбува и ги распрснува овците. Наемникот бега, зашто е наемник, и не се грижи за овците. Јас сум добриот Пастир; и ги знам Моите, и Моите Ме знаат Мене. Како Мене што Ме познава Отецот, така и Јас Го познавам Отецот; и душата Своја ја полагам за овците Свои. И други овци имам, што не се од ова трло, и нив треба да ги приберам; и ќе го чујат гласот Мој и ќе биде едно стадо и еден пастир.