Еремија 37
37
Царот Седекија бара од Еремија да се моли
1Наместо Конија, синот Јоакимов, царуваше Седекија, синот Јошиев, кого вавилонскиот цар Навуходоносор го постави за цар во јудејската земја. 2Ни тој, ни слугите негови, ниту, пак, народот од земјата не ги послушаа зборовите на Господ, кои Тој им ги кажа преку пророкот Еремија. 3#7,16; 42,2; 1 Цар 13,6; 2 Цар 19,4Царот Седекија ги испрати Јехухал, синот Шелемиев, и свештеникот Софонија, син Маасеев, кај пророкот Еремија да кажат: „Помоли се за нас на нашиот Господ Бог.“ 4Еремија тогаш сѐ уште слободно влегуваше и излегуваше пред народот, бидејќи уште не беа го затвориле во темница. 5Во меѓувреме фараоновата војска излезе од Египет, и Халдејците кои го опседнуваа Ерусалим, штом разбраа за тоа, отидоа од Ерусалим. 6И дојде слово Господово до пророкот Еремија: 7#21,2; 32,2.24вака вели Господ, Бог Израелов – кажете му на јудејскиот цар, кој ве испрати до мене да ме прашате: еве, војската на фараонот, што ви дојде на помош, ќе се врати во земјата своја, во Египет; 8а Халдејците пак ќе дојдат и ќе се борат против овој град, ќе го преземат и ќе го изгорат со оган. 9Така вели Господ – не лажете се, велејќи си во себе: „Бездруго ќе си отидат Халдејците од нас“, зашто нема да си отидат; 10дури и да бевте ја разбиле сета војска на Халдејците, кои војуваат против вас, и да останеа кај вас само ранетите, тогаш и тие би станале, секој од шаторот свој и би го изгореле овој град со оган.
Еремија го затвораат
11И во тоа време, кога халдејската војска се оддалечи од Ерусалим, поради фараоновата војска, 12#32,8Еремија тргна од Ерусалим, па дојде во земјата на Венијамин, сокривајќи се од народот. 13А кога беше пред портата Венијаминова, тамошниот управител на стражата, по име Ирија, син Шелемиев, син Хананиев, го задржа пророкот Еремија и рече: „Ти сакаш да побегнеш кај Халдејците, зар не?“ 14Еремија одговори – „Лага е тоа; не сакам да бегам кај Халдејците.“ Но Ирија не го послуша, го фати Еремија и го одведе кај кнезовите. 15Кнезовите се разгневија на Еремија, го тепаа и го затворија во темница, во куќата на писарот Јонатан, бидејќи ја беа направиле затвор. 16Еремија влезе во темницата и во визбата и таму остана долго време. 17Царот Седекија испрати по него и го доведоа. И го праша царот во својот дом тајно, велејќи: „Нема ли слово од Господ?“ Еремија одговори: „Има“, и додаде: „Ќе бидеш предаден во рацете на вавилонскиот цар.“ 18Тогаш Еремија му рече на царот Седекија: „Што згрешив пред тебе, пред слугите твои и пред овој народ, па ме фрливте во темница? 19И каде се вашите пророци, кои ви пророкуваа, кажувајќи: ‚Вавилонскиот цар нема да дојде против вас и против оваа земја?‘ 20А сега, чуј, господаре мој, царе, слушни ја молбава моја пред лицето твое; не враќај ме во куќата на писарот Јонатан, за да не умрам таму.“ 21#38,6.13.28Тогаш царот Седекија заповеда да го затворат Еремија во стражарницата, и таму му даваа по едно парче леб на ден од улицата на лебарите, сѐ додека не се заврши сиот леб во градот. И така остана Еремија во стражарницата.
Селектирано:
Еремија 37: MK2006
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006