Јероваал, односно Гедеон, и сиот народ што беше со него, тргнаа рано утрината и се сместија кај Ен-Харод; мидјанскиот, пак, логор беше на север од него, кај ридот Море, во долината. И Господ му рече на Гедеон: „Со тебе има многу народ, не можам да ги предадам Мидјаните во негови раце за да не се возгордее Израел пред Мене и да каже: ‚мојата рака ме спаси‘. Затоа разгласи да чуе народот, и кажи: ‚Кој страхува и е плашлив, нека се врати и веднаш нека оди на гората Галаад.‘“ И се вратија од народот дваесет и две илјади мажи, а десет илјади останаа. И му рече Господ на Гедеон: „Народ сѐ уште има многу; одведи ги кај водата, таму ќе ти ги одберам; за кого ќе речам: ‚да оди со тебе‘, нека оди со тебе; а за кого ќе ти кажам: ‚не треба да оди со тебе‘, нека не оди.“ Тој го одведе народот кај водата. И му рече Господ на Гедеон: „Кој лока вода со јазикот свој, како што лока куче, него стави го настрана, исто така и сите оние што клекнуваат за да пијат вода.“ И бројот на оние што локаа со уста од рака, изнесуваше триста мажи; а сиот друг народ клекнуваше на коленици, за да пие вода. И му рече Господ на Гедеон: „Со тие триста што локаа, ќе ве спасам и ќе ви ги предадам Мидјаните во рацете ваши, а сите други нека си одат секој во своето место.“ И тие ја зедоа храната од народот за себе и трубите нивни, и Гедеон ги пушти сите Израелци да се вратат дома, а задржа кај себе триста души. Мидјанскиот логор, пак, беше подолу од него – во долината.
Во онаа ноќ Господ му рече: „Стани, слези во логорот, зашто ти го предадов во твои раце.