Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Судии 16:4-31

Судии 16:4-31 MK2006

Потоа тој засака една жена, која живееше во долината Сорек; името ѝ беше Далила. Дојдоа кај неа филистејските кнезови и ѝ рекоа: „Запрашај го и дознај во што му е големата сила, и како да го надмудриме за да го врземе и да го смириме; ние, пак, ќе ти дадеме за тоа секој по илјада и сто шекели сребро.“ Тогаш Далила го праша Самсон: „Кажи ми, во што ти е големата сила, и со што би можеле да те врзат, за да те смират?“ Самсон ѝ одговори: „Ако ме врзат со седум сурови жили, уште неисушени, јас ќе станам бессилен и ќе бидам како другите луѓе.“ И ѝ донесоа филистејските кнезови седум сурови жили, уште неисушени, и таа го врза со нив. Во тоа време еден од нив седеше сокриен во спалната нејзина; и таа рече: „Самсоне, Филистејците идат против тебе.“ Тој ги раскина жилите, како што се раскинува коноп кога ќе го гори оган. И не се дозна за силата негова. И Далила му рече на Самсон: „Ете, ти ме измами и ми кажа лага; кажи ми сега, со што можат да те врзат?“ Тој ѝ одговори: „Кога би ме врзале со нови јажиња, кои не биле употребе­ни, јас би станал бессилен и ќе бидам како другите луѓе.“ Далила зеде нови јажиња, го врза и му рече: „Самсоне, Филистејците доа­ѓаат против тебе.“ Во тоа време еден од нив седеше сокриен во спалната. И тој ги скина јажињата од рацете свои како конци. И Далила пак му рече на Самсон: „Ти сѐ ме мамиш и ми говориш лага; кажи ми, со што можат да те врзат?“ Тој одговори: „Ако привиеш седум перчиња од косата на главата моја, на вратило и ги забиеш со колец на камен јас ќе бидам бессилен како другите луѓе.“ И кога тој заспа, Далила зеде седум перчиња од косата на главата негова, ги приви на вратилото и со колец ги притегна на камен и му рече: „Филис­тејците одат против тебе, Самсоне!“ Тој се разбуди од сонот и го извлече кросното сплеткано од основата и вратилото. И Далила тогаш му рече: „Зошто зборуваш ‚те сакам‘, а срцето твое не е со мене? Ете, ме измами трипати и не ми кажа, во што е твојата голема сила.“ И бидејќи таа го вознемируваше со зборовите свои секој ден и го мачеше, душата негова му се натажи до смрт. И тој ѝ го откри целото свое срце, велејќи ѝ: „Бербер не се допрел до гла­вата моја, зашто јас сум назир Божји од мајчината си утроба: ако ме истриже некој, ќе ме напушти силата моја; јас ќе ослабам и ќе бидам како другите луѓе.“ Далила, откако виде дека тој ѝ го откри целото срце свое, испрати и ги повика филистејските кнезови, велејќи им: „Дојдете сега; тој ми го откри целото срце свое.“ И тие дојдоа кај неа и донесоа сребро во рацете свои. И Далила го успа на колената свои, па повика еден човек, та му заповеда да ги истриже седумте плетенки на главата негова. И тој почна да ослабува, и силата негова го напушти. Таа тогаш рече: „Филистејците до­аѓаат против тебе, Самсоне!“ Тој се разбуди од сонот свој и рече: „Ќе одам, како и порано, и ќе се ослободам.“ Но не знаеше дека Господ отстапил од него. Филистејците го фатија и му ги извадија очите, го доведоа во Газа, го оковаа со две бакарни вериги и го тераа да меле жито во затворот. Меѓутоа, косата на главата негова, откако беше истрижен, почна пак да расте. Филистејските кнезови се собраа, за да принесат голема жртва на Дагон, својот бог, и да се провеселат, па рекоа: „Нашиот бог го предаде во рацете наши нашиот непријател Самсон.“ Исто така и народот, откако виде, го прославуваше својот бог, велејќи: „Нашиот бог ни го предаде во рацете наши непријателот наш и пустошникот на земјата наша, кој порази многумина од нас.“ А кога се развесели срцето нивно, рекоа: „Повикајте го Самсон за да нѐ развесели.“ И го повикаа Самсон од затворот, и тој ги веселеше и го ставија меѓу два столба. И Самсон му рече на момчето што го водеше за рака: „Дозволи ми да ги напипам столбовите, врз кои се крепи домот, и да се потпрам на нив.“ А домот беше полн со мажи и жени: таму беа сите филистејски кнезови, и на покривот имаше до три илјади мажи и жени, кои гледаа во Самсон како ги веселеше. Повика Самсон кон Господ и рече: „Господи Боже, спомни си за мене и поддржи ме само сега, о Боже, за да им се одмаздам веднаш на Филистејците за двете очи мои.“ И ги помести Самсон од местото двата средни столба, врз кои се крепеше домот, откако налегна врз нив, на едниот со десната рака, а на другиот со левата. И Самсон рече: „Умри, душо моја, со Филистејците!“ И притисна со сета сила, и домот се урна врз кнезовите и врз сиот народ што беше со него. И умрените што тој ги уби при смртта своја, беа повеќе, отколку што беше умртвил во текот на целиот свој живот. И дојдоа браќата негови и целиот негов татков дом, го зедоа, па отидоа и го погребаа меѓу Цора и Ештаол, во гробот на татко му Маној. Тој беше судија над Израел дваесет години.