Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Судии 16:4-31

Судии 16:4-31 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Потоа тој засака една жена, која живееше во долината Сорек; името ѝ беше Далила. Дојдоа кај неа филистејските кнезови и ѝ рекоа: „Запрашај го и дознај во што му е големата сила, и како да го надмудриме за да го врземе и да го смириме; ние, пак, ќе ти дадеме за тоа секој по илјада и сто шекели сребро.“ Тогаш Далила го праша Самсон: „Кажи ми, во што ти е големата сила, и со што би можеле да те врзат, за да те смират?“ Самсон ѝ одговори: „Ако ме врзат со седум сурови жили, уште неисушени, јас ќе станам бессилен и ќе бидам како другите луѓе.“ И ѝ донесоа филистејските кнезови седум сурови жили, уште неисушени, и таа го врза со нив. Во тоа време еден од нив седеше сокриен во спалната нејзина; и таа рече: „Самсоне, Филистејците идат против тебе.“ Тој ги раскина жилите, како што се раскинува коноп кога ќе го гори оган. И не се дозна за силата негова. И Далила му рече на Самсон: „Ете, ти ме измами и ми кажа лага; кажи ми сега, со што можат да те врзат?“ Тој ѝ одговори: „Кога би ме врзале со нови јажиња, кои не биле употребе­ни, јас би станал бессилен и ќе бидам како другите луѓе.“ Далила зеде нови јажиња, го врза и му рече: „Самсоне, Филистејците доа­ѓаат против тебе.“ Во тоа време еден од нив седеше сокриен во спалната. И тој ги скина јажињата од рацете свои како конци. И Далила пак му рече на Самсон: „Ти сѐ ме мамиш и ми говориш лага; кажи ми, со што можат да те врзат?“ Тој одговори: „Ако привиеш седум перчиња од косата на главата моја, на вратило и ги забиеш со колец на камен јас ќе бидам бессилен како другите луѓе.“ И кога тој заспа, Далила зеде седум перчиња од косата на главата негова, ги приви на вратилото и со колец ги притегна на камен и му рече: „Филис­тејците одат против тебе, Самсоне!“ Тој се разбуди од сонот и го извлече кросното сплеткано од основата и вратилото. И Далила тогаш му рече: „Зошто зборуваш ‚те сакам‘, а срцето твое не е со мене? Ете, ме измами трипати и не ми кажа, во што е твојата голема сила.“ И бидејќи таа го вознемируваше со зборовите свои секој ден и го мачеше, душата негова му се натажи до смрт. И тој ѝ го откри целото свое срце, велејќи ѝ: „Бербер не се допрел до гла­вата моја, зашто јас сум назир Божји од мајчината си утроба: ако ме истриже некој, ќе ме напушти силата моја; јас ќе ослабам и ќе бидам како другите луѓе.“ Далила, откако виде дека тој ѝ го откри целото срце свое, испрати и ги повика филистејските кнезови, велејќи им: „Дојдете сега; тој ми го откри целото срце свое.“ И тие дојдоа кај неа и донесоа сребро во рацете свои. И Далила го успа на колената свои, па повика еден човек, та му заповеда да ги истриже седумте плетенки на главата негова. И тој почна да ослабува, и силата негова го напушти. Таа тогаш рече: „Филистејците до­аѓаат против тебе, Самсоне!“ Тој се разбуди од сонот свој и рече: „Ќе одам, како и порано, и ќе се ослободам.“ Но не знаеше дека Господ отстапил од него. Филистејците го фатија и му ги извадија очите, го доведоа во Газа, го оковаа со две бакарни вериги и го тераа да меле жито во затворот. Меѓутоа, косата на главата негова, откако беше истрижен, почна пак да расте. Филистејските кнезови се собраа, за да принесат голема жртва на Дагон, својот бог, и да се провеселат, па рекоа: „Нашиот бог го предаде во рацете наши нашиот непријател Самсон.“ Исто така и народот, откако виде, го прославуваше својот бог, велејќи: „Нашиот бог ни го предаде во рацете наши непријателот наш и пустошникот на земјата наша, кој порази многумина од нас.“ А кога се развесели срцето нивно, рекоа: „Повикајте го Самсон за да нѐ развесели.“ И го повикаа Самсон од затворот, и тој ги веселеше и го ставија меѓу два столба. И Самсон му рече на момчето што го водеше за рака: „Дозволи ми да ги напипам столбовите, врз кои се крепи домот, и да се потпрам на нив.“ А домот беше полн со мажи и жени: таму беа сите филистејски кнезови, и на покривот имаше до три илјади мажи и жени, кои гледаа во Самсон како ги веселеше. Повика Самсон кон Господ и рече: „Господи Боже, спомни си за мене и поддржи ме само сега, о Боже, за да им се одмаздам веднаш на Филистејците за двете очи мои.“ И ги помести Самсон од местото двата средни столба, врз кои се крепеше домот, откако налегна врз нив, на едниот со десната рака, а на другиот со левата. И Самсон рече: „Умри, душо моја, со Филистејците!“ И притисна со сета сила, и домот се урна врз кнезовите и врз сиот народ што беше со него. И умрените што тој ги уби при смртта своја, беа повеќе, отколку што беше умртвил во текот на целиот свој живот. И дојдоа браќата негови и целиот негов татков дом, го зедоа, па отидоа и го погребаа меѓу Цора и Ештаол, во гробот на татко му Маној. Тој беше судија над Израел дваесет години.

Судии 16:4-31 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Потоа тој се вљуби во една жена од долината на Сорик, по име Делила. Филистејските кнезови дојдоа при неа и ѝ рекоа: „Заведи го и научи каде стои неговата голема сила, за да можеме да го совладаме па да го врзиме и да го направиме немоќен. А секој од нас ќе ти даде по илјада и сто сребрени сикли.“ Делила го праша Самсона: „Кажи ми каде стои твојата голема сила и со што треба да бидеш врзан, за да бидеш совладан.“ Самсон ѝ рече: „Ако ме врзат со седум свежи, уште неосушени, жили од лак, ќе станам бессилен и ќе бидам како обичниот човек.“ Филистејските кнезови ѝ донесоа на Делила седум свежи уште неосушени жили, и таа го врза со нив. Кај неа во собата имаше заседа, и таа му викна: „Самсоне, ете се Филистејците врз тебе!“ Тој ги скина жилите како што се кине колчиште кога ќе се доближи до огнот. И така не научија за неговата сила. б. Втор обид на Делила Тогаш Делила му рече на Самсона: „Ме измами и ме излага. Но сега кажи ми со што треба да бидеш врзан?“ Тој ѝ одговори: „Ако ме врзат добро со нови, уште неупотребени, јажиња, ќе станам бессилен и ќе бидам како обичниот човек.“ Тогаш Делила зеде нови јажиња, го врза со нив и му викна: „Самсоне, ете се Филистејците врз тебе!“ Кај неа во собата имаше заседа, но тој ги скина јажињата на рацете како да се конци. в. Трет обид на Делила Тогаш Делила му рече на Самсона: „Постојано ме измамуваш и ме лажеш. Кажи ми најпосле со што треба да бидеш врзан.“ Тој ѝ одговори: „Ако вткаеш седум плетенки од мојата коса во ткајачки разбој и ако ги заглавиш со клин, ќе станам немоќен и ќе бидам како обичниот човек.“ Таа го заспа и отка седум плетеници од неговата коса во ткајачкиот разбој, заби клин и му викна: „Ете се Филистејците врз тебе, Самсоне!“ Тој се разбуди и ги истрга и клинот и ткајачкиот разбој. г. Самсон победен од Делилина итрина Делила му рече: „Како можеш да речеш дека ме љубиш кога твоето срце не е со мене. Веќе трипати ме измами и не ми кажа во што е твојата голема сила.“ Бидејки секој ден му здодеваше и го мачеше, нему веќе му тежеше во душата до смрт. И ѝ го отвори целото свое срце: „Никогаш брич не поминал преку мојата глава, зашто од мајчината утроба сум Божји Назиреј. Ако ме избричат сета сила ќе ме остави, ќе бидам обессилен и ќе станам како обичниот човек.“ Тогаш Делила сфати дека ѝ го отвори целото свое срце; ги повика филистејските кнезови и им рече: „Дојдете сега, зашто ми го отвори целото свое срце.“ И филистејските кнезови дојдоа кај неа и донесоа сребреници со себе. Откако го заспа Самсона на своите колена, таа повика човек па му избричи од главата седум плетенки коса. Така тој почна да слабее, и силата го остави. Кога таа извика: „Самсоне, ете се Филистејците врз тебе!“ тој се разбуди и помисли: „Ќе се извлечам како и секогаш и ќе се ослободам.“ Но не знаеше дека Господ се сврти од него. Филистејците го фатија, му ги извадија очите и го одведоа во Газа. Го оковаа со двојни бронзени вериги, та вртеше мелница во темницата. Но косата почна пак да расте каде му ја избричија. д. Последна одмазда и Самсонова смрт Филистејските кнезови се собраа да му принесат голема жртва на својот бог Дагон и да се повеселат. Тие зборуваа: „Нашиот бог ни го предаде, во рацете, нашиот непријател Самсон.“ А народот, откако го виде, почна да го фали својот бог, па воскликнуваа во негова чест, велејќи: „Нашиот бог ни го предаде, во рацете, нашиот непријател Самсон, кој ни ја запустуваше земјата и кој погуби многу од нас.“ Кога срцето им заигра, извикаа: „Доведете го Самсона за да нѐ забавува!“ И го доведоа Самсона, од темницата, и тој ги веселеше нив; а потоа го ставија меѓу столбовите врз кои се крепеше зградата. Тогаш Самсон му рече на детето кое го водеше за рака: „Води ме и помогни ми да ги напипам столбовите, врз кои се крепи зградата, за да се потпрам врз нив.“ А куќата беше полна со мажи и жени. Тука беа и сите филистејски кнезови, а на покривот три илјади луѓе, кои гледаа како ги развеселува Самсон. Самсон извика кон Господа: „Господи, Господи, спомни си за мене и дај ми сила, само уште сега, за да им се одмаздам на Филистејците за двете очи.“ И Самсон ги напипа двата средни столба врз кои лежеше зградата, се потпре на нив, со десната на едниот, а со левата на другиот и извика: „Нека загинам со Филистејците!“ И напна со сета сила и ја урна зградата врз кнезовите и врз сиот народ што се наоѓаше таму. Повеќе ги уби умирајќи отколку што ги истепа во животот. Потоа неговите браќа и сиот дом на неговиот татко дојдоа, го зедоа и го однесоа, и го погребаа меѓу Сараја и Естаол, во гробот на Маној, неговиот татко. Тој му судеше на Израел дваесет години.