Приклонете го увото и дојдете при Мене; послушајте, и душата ваша ќе биде жива, – ќе склопам со вас вечен завет, неизменливи милости, ветени на Давид. Ете, Него го дадов сведок за народите, водач и заповедник на народите. Ете, ти ќе повикаш народ, што не си го познавал, и народите, кои не те познавале, ќе побрзаат кон тебе, заради Господа, твојот Бог, заради Светецот Израелов, зашто Тој те прослави.
Барајте го Господа, додека можете да Го најдете; викајте Го додека е близу. Нечесниот нека го остави патот свој, и беззаконикот – помислите свои и нека се обрати кон Господ, нашиот Бог, – и Тој ќе го помилува, зашто е многу милостив. Моите мисли не се ваши мисли, ниту вашите патишта се Мои патишта, вели Господ. Но, како што е небото повисоко од земјата, така се и Моите патишта повисоки од вашите патишта, и мислите Мои повисоко од вашите мисли. Како што дождот и снегот паѓаат од небото и таму не се враќаат, туку ја напојуваат земјата и ја прават способна да раѓа и да се зеленее, за да му дава семе на оној, што сее и леб за да јаде, така и Моето слово, што излегува од устата Моја, не се враќа кон Мене празно, туку го исполнува она, што Ми е угодно, и го прави она за што сум го испратил Јас.