Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Исаија 43:1-13

Исаија 43:1-13 MK2006

А сега вака вели Господ, Кој те создаде, Јакове, и Кој те образувал, Израеле: не плаши се, зашто Јас те откупив, по име те повикав; ти си Мој. Преку води ли ќе минуваш – Јас сум со тебе; преку реки ли – тие нема да те потопат; ако тргнеш преку оган, нема да се изгориш, и пламенот нема да те обгори. Зашто Јас сум Господ, Бог твој, Светецот Израелов, твојот Спасител; откуп за тебе го дадов Египет; Етиопија и Сева ги дадов за тебе. Бидејќи си скап во очите Мои, многу си ценет; Јас те возљубив, затоа ќе дадам други луѓе за тебе, и народи за твојата душа. Не плаши се, зашто Јас сум со тебе; од исток ќе го доведам твоето племе и од запад ќе го соберам. На север ќе му кажам: дај; и на југ: не задржувај; доведи ги синовите Мои оддалеку и ќерките Мои – од краиштата земни, секого, кој се нарекува со Моето име, кого сум го создал за Мое про­славување, што сум ги создал и напра­вил. Изведи го слепиот народ, иако има очи, и глувиот, иако има уши. Нека се соберат сите народи заедно, нека се соединат племињата. Кој од нив го претскажал тоа? Нека соопштат што било во почетокот; нека доведат сведоци за да се оправдаат, за да може да се чуе и да се каже: „Вистина е!“ А Мои сведоци, вели Господ, сте вие и Мојот слуга, што го избрав, за да знаете и да Ми верувате, да разберете дека сум тоа Јас: пред Мене немаше Бог, и по Мене нема да има. Јас, Јас сум Господ, и нема Спаси­тел освен Мене. Јас предреков и спасив, однапред претскажав кога туѓ бог немаше меѓу вас, вие сте Мои сведоци дека Јас сум Бог – вели Господ; од почетокот на дните Јас сум ист, никој не избавува од раката Моја; Јас ќе направам, и кој ќе го измени тоа?