Исаија 43:1-13
Исаија 43:1-13 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
А сега вака вели Господ, Кој те создаде, Јакове, и Кој те образувал, Израеле: не плаши се, зашто Јас те откупив, по име те повикав; ти си Мој. Преку води ли ќе минуваш – Јас сум со тебе; преку реки ли – тие нема да те потопат; ако тргнеш преку оган, нема да се изгориш, и пламенот нема да те обгори. Зашто Јас сум Господ, Бог твој, Светецот Израелов, твојот Спасител; откуп за тебе го дадов Египет; Етиопија и Сева ги дадов за тебе. Бидејќи си скап во очите Мои, многу си ценет; Јас те возљубив, затоа ќе дадам други луѓе за тебе, и народи за твојата душа. Не плаши се, зашто Јас сум со тебе; од исток ќе го доведам твоето племе и од запад ќе го соберам. На север ќе му кажам: дај; и на југ: не задржувај; доведи ги синовите Мои оддалеку и ќерките Мои – од краиштата земни, секого, кој се нарекува со Моето име, кого сум го создал за Мое прославување, што сум ги создал и направил. Изведи го слепиот народ, иако има очи, и глувиот, иако има уши. Нека се соберат сите народи заедно, нека се соединат племињата. Кој од нив го претскажал тоа? Нека соопштат што било во почетокот; нека доведат сведоци за да се оправдаат, за да може да се чуе и да се каже: „Вистина е!“ А Мои сведоци, вели Господ, сте вие и Мојот слуга, што го избрав, за да знаете и да Ми верувате, да разберете дека сум тоа Јас: пред Мене немаше Бог, и по Мене нема да има. Јас, Јас сум Господ, и нема Спасител освен Мене. Јас предреков и спасив, однапред претскажав кога туѓ бог немаше меѓу вас, вие сте Мои сведоци дека Јас сум Бог – вели Господ; од почетокот на дните Јас сум ист, никој не избавува од раката Моја; Јас ќе направам, и кој ќе го измени тоа?
Исаија 43:1-13 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Сега вака зборува Господ, Кој те создаде, Јакове, Кој те створи, Израеле: „Не бој се, зашто Јас те откупив; те повикав по име, ти си Мој! Кога преминуваш преку вода, со тебе Сум; или преку река, нема да те потопи. Ако тргнеш низ оган, не ќе изгориш, пламенот нема да те опали. Зашто Јас Сум Господ, твојот Бог, Израелев Светец, твој Спасител. Го давам Египет за твоја откупнина, ги давам Етиопија и Сева место тебе. Зашто си скапоцен во Моите очи, ценет си, и Јас те возљубив. Затоа и давам луѓе за тебе, и народи за твојот живот. Не бој се, зашто Јас Сум со тебе. Твоето потомство ќе го доведам од исток и ќе те соберам од запад. Ќе му речам на север: ‘Дај ми го!’ а на југ: ‘Не задржувај го!’ Доведи Ми ги синовите од далеку, а Моите ќерки од крајот на земјата, сите кои се наречуваат со Моето Име, и кои ги создадов за Своја Слава, кои ги створив и ги направив.“ Изведи го слепиот народ, иако има очи, и глувиот, иако има уши. Нека се соберат сите племиња и нека се приберат сите народи. Кој од нив го прорече тоа и го навести одамна? Нека доведат сведоци за да се оправдаат, нека се чуе дека може да се рече: „Вистина е!“ „Зашто вие сте Ми сведоци,“ слово е Господово, „и Мои слуги кои ги избрав, за да знаете и верувате и да видите дека тоа Сум Јас. Пред Мене ниеден бог не беше направен и не ќе биде после Мене. Јас, Јас Сум Господ, нема Спасител освен Мене. Јас прореков, спасив и навестив, и нема туѓинец меѓу вас! Вие сте Ми сведоци,“ слово е Господово, „а Јас Сум Бог, од вечноста - Јас Сум! И никој не избавува од Мојата рака; што ќе направам, кој може да го измени?“