Утешувајте го, утешувајте го Мојот народ, вели вашиот Бог; говорете му нежно на Ерусалим, и известете го дека времето на неговата казна се исполни дека за неправдата му е платено зашто од раката Господова доби двојно за сите свои гревови. Гласот на оној што вика во пустината говори: „Пригответе Му пат на Господ, исправете ги во пустината патеките за нашиот Бог; секој дол да се исполни, секоја планина и рид да се снизат; кривините да се исправат, и нерамните патишта да бидат израмнети; и ќе се јави славата Господова, и сите луѓе ќе го видат спасението од Бога; зашто устата Господова го изрече тоа.“ Гласот говореше: „Разгласувај!“ и прашав: „Што да разгласувам?“ – „Секој човек е трева, сета убавина негова е како полско цвеќе. Тревата се исушува, цвеќето овенува, штом ќе дувне врз него здивот на Господ: така е и народот како трева. Тревата се суши, цвеќето свенува, а словото на нашиот Бог останува вечно.“
Искачи се на високата гора Сион, ти кој јавуваш добри вести за Сион, извиши го силно гласот свој, благоизвестителе Ерусалиме, подигни го, не плаши се. Кажи им на градовите Јудини: еве Го вашиот Бог! Ете, Господ Бог иде со сила и раката Негова е со власт. Ете, наградата Му е со Него, а отплатата Му е пред лицето Негово. Како пастир ќе го пасе Тој стадото Свое: јагнињата ќе ги земе Тој во рацете и ќе ги носи на градите Свои, и грижливо ќе ги води доилките.
Кој ги измерил водите со раката своја и со педа го измерил небото, и со мерка го измерил правот земен, кој ги измерил на терезија планините и ридовите? Кој го упатил Духот на Господ, и Му бил Нему советник и Го учел? Со кого се советувал Тој, и кој Го вразумувал и Го поучувал во патот на правдата, и Го учел на знаење и Му го покажувал патот на мудроста? Ете, народите се како капка од ведро, и претставуваат прашинка на терезија. Ете, островите Тој ги подига како прашинки. Ни Ливан не стигнува за жртвен оган, ни животните по него – за сепаленица. Сите народи пред Него се како ништо, – за Него се помалку од ништо, и помалку се од суетата.