Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Исаија 40:1-17

Исаија 40:1-17 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Утешувајте го, утешувајте го Мојот народ, вели вашиот Бог; говорете му нежно на Ерусалим, и известете го дека времето на неговата казна се исполни дека за неправдата му е платено зашто од раката Господова доби двојно за сите свои гревови. Гласот на оној што вика во пустината говори: „Пригответе Му пат на Господ, исправете ги во пустината патеките за нашиот Бог; секој дол да се исполни, секоја пла­нина и рид да се снизат; кривините да се исправат, и нерамните патишта да би­дат израмнети; и ќе се јави славата Господова, и сите луѓе ќе го видат спасението од Бога; зашто устата Господова го изрече тоа.“ Гласот говореше: „Разгласувај!“ и прашав: „Што да разгласувам?“ – „Секој човек е трева, сета убавина негова е како полско цвеќе. Тревата се исушува, цвеќето овенува, штом ќе дувне врз него здивот на Господ: така е и народот како трева. Тревата се суши, цвеќето свенува, а словото на нашиот Бог останува вечно.“ Искачи се на високата гора Сион, ти кој јавуваш добри вести за Сион, извиши го силно гласот свој, благо­известителе Ерусалиме, подигни го, не плаши се. Кажи им на градовите Јуди­ни: еве Го вашиот Бог! Ете, Господ Бог иде со сила и раката Негова е со власт. Ете, наградата Му е со Него, а отплатата Му е пред лицето Негово. Како пастир ќе го пасе Тој стадото Свое: јагнињата ќе ги земе Тој во ра­цете и ќе ги носи на градите Свои, и грижливо ќе ги води доилките. Кој ги измерил водите со раката своја и со педа го измерил небото, и со мерка го измерил правот земен, кој ги измерил на терезија планините и ридовите? Кој го упатил Духот на Господ, и Му бил Нему советник и Го учел? Со кого се советувал Тој, и кој Го вразумувал и Го поучувал во патот на правдата, и Го учел на знаење и Му го покажувал патот на мудроста? Ете, народите се како капка од ведро, и претставуваат прашинка на терезија. Ете, островите Тој ги подига како прашинки. Ни Ливан не стигнува за жртвен оган, ни животните по него – за сепаленица. Сите народи пред Него се како ништо, – за Него се помалку од ништо, и помалку се од суетата.

Исаија 40:1-17 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

„Тешете го, тешете го, Мојот народ,“ говори вашиот Бог. „Зборувајте му на срцето на Ерусалим, викајте му, за да му сврши ропството, за да му биде простена вината, зашто од Господовата рака прими двојно за сите свои гревови.“ Глас вика: „Пригответе Му на Господа пат низ пустината. Израмнете ја патеката на нашиот Бог во степата. Нека се издигне секоја долина, нека се спушти секоја гора и бреже. Што е нерамно, нека се израмни, стрмнините нека станат рамни. Тогаш ќе се открие Славата Господова, и секое тело ќе ја види, зашто Господовата уста зборуваше.“ Гласот наложува: „Викај!“ Одговорив: „Што да викам?“ - „Секое тело е како трева, неговата сета убавина е како полски цвет. Тревата се суши, цветот свенува, кога Господовиот здив ќе помине преку нив. Навистина, народот е трева. Тревата се суши, цветот овенува, но Словото на нашиот Бог останува довека.“ Искачи се на висока гора, гласнику на Добрата вест, Сионе! Поткрени го силно својот глас, гласнику на Добрата вест, Ерусалиме! Издигни го, не бој се, речи им на јудејските градови: „Еве Го вашиот Бог!“ Ете, Господ Бог доаѓа со сила, владее со Својата мишка! Еве ја со Него и Неговата плата, а пред Него Неговата награда. Како пастир го пасе Своето стадо, во рацете ги зема јагнињата, ги носи во Својата прегратка, и внимателно ги негува доилките. Кој го измери морето со дланка и кој ги премери небесата со педа? Кој ја измерил со мерка земјата, и планините на мерилки, а бреговите на тежилка? Кој го измерил Господовиот Дух, и кој Му бил советник за да Го поучи? Со кој се посоветува Тој, кој Му дал разум Нему, кој Го научил на патиштата на правдата? Кој Го научи на знаење, кој Му покажа пат кон мудроста? Ете, народите се како капка од ведро, вредат колку прав на мерилката. Островите, ете, треперат во воздухот како ситно делче! Ливан е мал за огнена клада, а неговите ѕверови нема достатно за паленица. Сите народи се како ништо пред Него, за Него се ништо и празнина.